Шест лица во Косово осудени на 25 години затвор поради планирање терористички напади

од desk2
135 прегледи

Основниот суд во Приштина осуди шест лица на вкупно 25 години затвор поради планирање терористички напади врз припадници на мисијата на КФОР, објекти на Српската православна црква, како и дискотеки во Косово, јавија косовски медиуми.

Порталот Кошев денеска пренесе дека Бујар Бехрами е осуден на десет години затвор, Грамос Шабани на седум и Ресим Кастрати на четири години. На Леутрими Муслиу му е одредена затворска казна од 27 месеци, на Алберт Адемај 18 месеци, додека Едона Хаљити е осудена на една година затвор.

Судот како дополнителна казна нареди и конфискација на 9.000 евра и огнено оружје.

Во обвинението на Специјалното обвинителство се наведува дека обвинетите планирале да формираат организација што ќе подготвува терористички и самоубиствени напади во Косово, Албанија и Македонија.

Цели на планирани напади биле дискотеките „Камбоџа“ и „Инсомнија“ во Грачаница, како и православната црква во близина на кафулето „Москва“ во Северна Митровица.