По првиот бран на пандемијата на коронавирус, Јужна Кореја и другите азиски земји брзо се соочија со нови жаришта, со кластери во ноќните клубови во Сеул, на руско-кинеската граница и на други места.
Иако е рано да се извлечат заклучоци, дали остатокот од светот може да научи неколку лекции?
1. БРАН, СКОК ИЛИ КЛАСТЕР – НЕИЗБЕЖНО Е
Термините како што се втор бран, скок или кластер се користат низ целиот свет, но што значат тие навистина?
Медицински, вториот бран се однесува на повторниот раст на инфекцијата во друг дел од населението по првичното намалување. СЗО вели дека последната пандемија се карактеризирала со „бранови активности што се шират со месеци“.
Во Азија видовме изолирани кластери и регионално зголемување на бројот на зарази. Тешко е да се предвиди како тие ќе се развиваат, пренесува BBC.
Но, за Џенифер Рон од Универзитетскиот колеџ во Лондон, вториот бран на инфекции со коронавирус не е повеќе прашање „ако“ – туку „кога и колку фатално“.
Дури и земји со ефективни стратегии за борба против коронавирусот преку тестирање, следење и блокади, како што е Јужна Кореја, забележале пораст на нови случаи и кластери.
Кога СЗО рече дека вирусот е тука за да остане, нациите требаше да сфатат дека ќе доживеат нови случаи. Сега предизвикот е да ги предвидиме, да ги следиме и да се справиме со нив.
2. МЕРКИТЕ НА ОГРАНИЧУВАЊЕ МОЖЕ ДА СЕ ВРАТАТ
Многумина предупредуваа дека не треба да се биде оптимист и дека фактот дека блокадата беше успешно воведена не значи дека областа е ослободена од коронавирус.
Регионот Хокаидо во Јапонија е првиот што воведе блокада кон крајот на февруари. До средината на март, бројот на нови случаи се намали на еден или два на ден. Мерките донесоа плод толку многу што е укината вонредната состојба и училиштата беа отворени повторно во април. Но, помалку од еден месец подоцна, вонредната состојба беше обновена по појавата на вториот бран на инфекции.
Ова ограничување сега е укинато, но официјалните лица знаат дека може да се врати повторно – сè додека не се најде вакцина.
Ограничувањата беа укинати и во Кина бидејќи бројот на пациенти опадна, но нов кластер беше пријавен кон средината на мај, вклучително и во Вухан, каде за прв пат изби вирусот.
Во Јужна Кореја, најновиот кластер во логистички центар надвор од Сеул доведе до затворање на повеќе од 200 училишта што беа отворени само неколку дена.
3. СТАВАЊЕ ВО КАРАНТИН НА ГОСТИТЕ ОД СТРАНСТВО
Скокот на бројот на пациенти во кинеските провинции Џилин и Хејлонгјанг се припишува на увезени случаи од соседна Русија.
Во еден пример, осум кинески државјани кои се вратиле од Русија се тестирале позитивно на вирусот корона, што довело до карантин на околу 300 лица кои патувале во иста временска рамка.
Кина веќе извесно време забележува дека бројот на увезени случаи ги надминува локалните преноси и воведе строги мерки за карантин за борба против истиот. На пример, сите меѓународни летови за Пекинг беа пренасочени кон другите градови каде што беа прегледани – и ставени во карантин.
Хонг Конг воведе електронски нараквици за оние кои доаѓаат од странство, за да ги следат нивните движења.
4. НЕМОЈТЕ ДА СЕ ОТКАЖЕТЕ ОД „ТЕСТИРАЊЕ И СЛЕДЕЊЕ“
На почетокот на февруари, Јужна Кореја разви систем во кој извршуваше околу 10,000 тестови на ден и се потпираше на апликации и GPS технологија за да ги следи случаите.
Кластерот на нови инфекции на 12 мај, по неколку недели без нови домашни случаи, беше брзо пронајден и поврзан со ноќните клубови во Сеул. Сега тие следат 90.000 луѓе заради тоа.
Скоро 300 инфекции се поврзани со клубови – сеопфатниот мониторинг им помогна на официјалните лица да го следат нивниот напредок преку населението.
Избувнувањето во кинескиот град Шулан во близина на руската граница беше проследено од работничка во перална, која заразила 13 други, но официјалните лица сè уште не откриле како таа се заразила.
5. НЕ ТЕСТИРАЈТЕ ЕДНАШ ТУКУ ДВА ПАТИ
Експертите велат дека не треба само да знаеме кој го има вирусот, туку треба и антибоди тест за да знаеме кој го имал.
Исто така, постојат случаи кога луѓето имале вирус, но тие биле асимптоматски, што значи дека некое лице може да го шири вирусот пред да знае дури и дека е болен.
6. ФЛЕКСИБИЛНА ЈАВНА ЗДРАВСТВЕНА СЛУЖБА
Исто така е важно да се види што може да научи јавната здравствена служба од ова.
Кина изгради болница со 1.000 кревети за само осум дена во Вухан и покажа како да се планираат и организираат болници за итни случаи.
7. НЕ ПОСТОИ „ЕДНО РЕШЕНИЕ“
Можеби главната лекција што треба да се научи е дека „не постои мерка или тактика што направи разлика“.
– Тоа не е само тестирање или ограничување на физичката дистанца. Многу земји и области во овој регион ги направиле сите овие работи, со сеопфатен пристап на владата, целото општество – рече д-р Наоко Ишикава.
Според експертите, „не постои имунизација кај населението и додека немаме ефикасна и достапна вакцина, сите сме во опасност“.