Легендарниот украински напаѓач и сега тренер преку јавна објава им се обрати на играчите и на стручниот штаб на репрезентацијата на Босна и Херцеговина со молба да го откажат пријателскиот натпревар со Русија.
Отвореното писмо на популарниот Шева е објавено на официјалната веб-страница на Украинската фудбалска асоцијација, а го потпишаа и легенди како Олех Блохин, Ихор Беланов, Анатолиј Демјаненко, Олексиј Михајличенко и Олег Протасов.
„Драгии колеги! Пријатели!
Натпреварот помеѓу репрезентацијата на Украина и репрезентацијата на Босна и Херцеговина, кој се одигра во вашата земја на 16 ноември 2021 година, за нас е спомен од мирниот живот. На крајот на краиштата, овој натпревар беше последен за нашиот тим пред сеопфатната инвазија на Русија на територијата на нашата земја, која започна на 24 февруари 2022 година.
Повеќе од шест месеци украинските тимови, вклучително и репрезентацијата на Украина, немаа можност да одиграат ниту еден меѓународен натпревар во својата земја. И сето тоа е поради агресијата на Русија.
Милиони наши граѓани исто така беа принудени да ја напуштат Украина. Претежно жени и деца. Благодарни сме ѝ на Босна и Херцеговина што стана дом за добредојде за некои од нив!
Десетици илјади од оние кои останаа или не успеаја да заминат беа убиени и ранети. Илјадници луѓе беа мачени на територијата на Украина окупирана од Русија. Сега станбените области на нашите градови се под постојано бомбардирање на руската армија. Целата територија на нашата држава е под постојан ракетен истрел од Русите, секојдневно гинат цивили и деца, а на фронтот се водат жестоки борби…
Се бориме со огромна воена армада која сака банално да ни ја уништи државата. И што е важно, ние не се бориме само за Украина. Ние се бориме за иднината на целиот демократски, цивилизиран свет, на кој припаѓа и Босна и Херцеговина.
Затоа, бевме непријатно изненадени и многу нѐ натажи веста дека по ваквите трагични настани кои веќе се случија и продолжуваат во Украина, вашиот тим се согласи да одигра пријателски натпревар со репрезентацијата на Русија – репрезентацијата на земјата агресор.
Сметаме дека одлуката на репрезентацијата на Босна и Херцеговина да одигра натпревар со селекцијата на земјата агресор е за жалење, но грешка која сепак може да се исправи!
Затоа, ве повикуваме да одбиете учество на фудбалскиот натпревар со руската репрезентација! Одбијте заради запирање на воената агресија врз Украина и заради иднината на демократска Европа!
Со почит,
Олег Блохин, добитник на Златната топка – 1975,
Ихор Беланов, добитник на Златната топка – 1986,
Андриј Шевченко, добитник на Златната топка – 2004,
Анатолиј Демјаненко, учесник на Мундијали – 1982, 1986 и 1990,
Олексеј Михајличенко, олимписки шампион во фудбал – 1988,
Олег Протасов, добитник на Сребрената копачка на УЕФА – 1986“.
Потсетуваме, натпреварот помеѓу Русија и Босна и Херцеговина треба да се одигра во Санкт Петербург на 19 ноември, еден ден пред почетокот на Мундијалот во Катар. Поголемиот дел од спортската јавност во Босна и Херцеговина е огорчена од оваа одлука на Фудбалскиот сојуз на Босна и Херцеговина и е против одигрување на натпреварот.
Овој натпревар нема да биде прв за Русија по суспензијата изречена од ФИФА во март годинава бидејќи на 24 септември Русите играат пријателска на гости кај Киргистан, а потоа на 15 ноември патуваат и на гости кај Иран.