Шилегов бара Арсовска да си поднесе оставка и во мај да има избори за Град Скопје

од Nikola Popovski
754 прегледи

Екс-градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов синоќа преку објава на социјалните мрежи побара оставка од градоначалничката Данела Арсовска и избори за Скопје во мај. Како што порача, Скопје се наоѓа во процес на целосна девастација.

-Почитувана Арсовска, заминете си. Поднесете оставка. Доблесно е да си признаете дека сте тотално неспособна и некадарна да го водите градот. А едноставно Ви се случи. Непланирано. (Без визија и план што би работеле. Со сите мои и наши (партиски, политички и граѓански) грешки кои придонесоа за тоа). Во мај секако имаме избори во Македонија. Нека се избори и во Скопје. Заради малку достоинство што секој од нас треба да го има. И заради Градот (не толку убав во задње време) во кој што сите живееме, вели Шилегов.

Вели дека нема ни намера ни носталгија повторно да е градоначалник, но како граѓанин и некој што го сака Скопје, смета дека овде ништо не е во ред.

Либерално-демократската партија под водство на претседателката, Моника Зајкова синоќа најави иницијатива за измени на Законот за локална самоуправа и собирање на потписи за референдум за отповикување на градоначалници.

-Она што се случува во главниот град Скопје е јасен знак дека мора да има механизам за отповикување на градоначалниците. Граѓаните не смеат да трпат заради неспособноста на локалните власти, велат од ЛДП.

Од партијата посочуваат дека оваа Иницијатива е со цел да се одговори на потребите на граѓаните и да се подобри животот во главниот град.

Се чини дека чашата ја прелија новогодишното украсување на градот, како и поставената елка, која наиде на мајтап и сеир, како од домашната, така и од регионалната јавност. Градоначалничката на град Скопје, Арсовска не сака да одговори која фирма е задолжена за ова украсување и зошто не беше објавен тендер. Тука е и големиот проблем со загадувањето и рушењето рекорди за пм-честички што скопјани ги дишат оваа зима. Иако градот е на врвот на листата на платформата „IQAir“ по загаденост на воздух во Европа и светот, од градската администрација уверуваат дека податоците се невистинити и лажни и објавуваат податоци од друга платформа, според која како што велат, Скопје не е ниту меѓу најзагадените градови во земјава, а не пак во светот.

Слични содржини