Градоначалникот на град Скопје, Петре Шилегов објави дека се сретнал со поранешниот градоначалник на Солун, политичар и бизнисмен Јанис Бутарис.
-Јанис Бутарис !!! Балканска легенда, напиша Шилегов на Фејсбук.
Премиерот Зоран Заев денеска го прими Бутарис, кој заедно со своите соработници остана во работна посета на Скопје откако вчера учествуваше на Првиот Економски Форум во Скопје во организација на Економскиот Форум од Делфи, Грција, и на Грчката Бизнис Асоцијација во Северна Македонија, а во партнерство и соработка со домашните компании.
На средбата беше истакнато дека Првиот Економски Форум во Скопје е од исклучително значење како платформа за поврзување на регионалните и меѓународните политички лидери, амбасадори, претприемачи, истакнати личности од различни општествени сфери.
Премиерот Заев и поранешниот градоначалник на Солун и успешен бизнисмен Јанис Бутарис се согласија дека од посебна важност е што на Самитот беа вклучени прецизно избрани теми кои во фокус ги имаат најсуштинските прашања кои ја засегаат Северна Македонија, соседните земји и регионот, особено кога станува збор за одржливата и успешна економска билатерална и регионална соработка и развој.