Шилегов: Немам чуено поголема глупост од тоа дека Скопје ќе остане без вода додека се гради трамвајот на тркала

од Nikola Popovski
435 прегледи

„Од кај знае ВМРО-ДПМНЕ каков е проектот? Од кај знае какви се решенијата? Ова е волунтеризам и неписменост кон приодот на Бас рапид транзитот што го има опозицијата“, вели градоначалникот на град Скопје, Петре Шилегов за „Утрински брифинг“.

Според него, не се точни наводите дека новиот транспорт ќе оди на сметка на зеленилото и дека Скопје ќе остане без вода додека се изгради проектот.

„Поголема глупост немам чуено“, потенцира Шилегов.

Градоначалникот пред неколку дена го потпиша договорот за новиот „Бас Рапид Транзит“. „Го остваруваме 40 години стариот сон на скопјани за трамвај, обезбедувајќи систем подобар од трамвајот, согласно условите што ги овозможува денешно Скопје. Горди сме што Скопје е првиот град на Балканот кој го воведува БРТ-системот. Добиваме брз, безбеден и одржлив јавен транспорт, кој ќе биде атрактивен и ќе овозможи намалување на сообраќајниот метеж и аерозагадувањето“, најави Шилегов.

Проектот опфаќа воспоставување две линии, со коридори од Ѓорче Петров до Ново Лисиче и од Бутел до Кисела Вода. Трасата од Ѓорче Петров до Ново Лисиче ќе биде во должина од 12,8 километри во една насока, ќе има 21 станица, два терминала во индустриската зона во Ѓорче Петров и во населбата Ново Лисиче, каде што ќе биде изграден новиот терминал.

Слични содржини