Откако Собранието го усвои законот за задолжување, наголемо се отвара вратата Скопје конечно да добие современ и добро организиран јавен превоз. Очекувам дека во најкраток можен рок ќе се потпише договорот помеѓу Владата и ЕБРД, со што и формално ќе се создадат можностите да започнат постапките за набавка и имплементација на брзиот автобуски превоз, сподели градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов.
„Важно е да се напомене дека во рамките на ЕБРД, овој проект е заведен како зелен проект и се финансира во рамките на мрежата на зелени градови, каде Скопје е член. За мене и за Скопје е важно што е ова верификација на еколошките политики кои што ги креира Градот и што после 40 години конечно ќе почне да се имплементира овој стратешки проект за градот што ќе значи намалување на времетраењето на превозот на патници и намалување на загадувањето на воздухот“, посочува тој.