Новиот градоначалник на Скопје, Петре Шилегов, ја презеде функцијата и најави дека од утре ќе почне да ги спроведува итните мерки за борба против загадувањето на воздухот.

„Акутните мерки се слободен градски превоз, запирање на градењето и рестрикции за сообраќајот во критичните денови“, рече Шилегов.
Од следната пролет тој најави зазеленување, а од идната година и почеток на гасификацијата.
„Го вративме Скопје на граѓаните. Новата градска власт ќе работи според принципите на отчетност и одговорност што ги постави владата на СДСМ“, додаде Шилегов, порачувајќи од градскиот кабинет да се гласа за кандидатите на СДСМ во вториот изборен круг.
Коце Трајановски се збогуваше од функцијата и им се заблагодари на сите што гласале за него, при што додаде дека е горд со тоа како го водел градот.
„Горд сум на реализираните и проширени булевари, на кружните текови, со кои Скопје стана подобро место за живеење“, рече Трајановски.
Како други проекти од кои е задоволен ги спомена зоолошката градина, катните гаражи и 300 илјади квадратни метри ново зеленило.
На Шилегов му посака среќа во работата и му порача дека во касата има 834 милиони денари, додавајќи дека ќе биде негова одлука тоа кои проекти ќе ги продолжи.