Ми претставува голема чест и задоволство да Ви го честитам овој голем јубилеј – 80 години од формирањето на првиот Скопски партизански одред, а воедно и да ви пожелам уште многу вакви јубилеи да прославиме заедно, објави градоначалникот на град Скопје, Петре Шилегов, кој попладнево присуствуваше на настан, по овој повод.
Според него, формирањето на првиот скопски партизански одред е голем и значаен настан за македонската историја и историјата на нашето Скопје.
-Да се формира народно ослободителен партизански одред во 1941 година (на 22 август) претставува чин на огромна храброст, одлучност и хуманост на 12 луѓе подготвени со живот да ја платат слободата, започнувајќи голема борба против фашистичките окупатори и нивните слуги. Да не заборавиме дека токму Скопје во далечната 1941 година беше еден од двата центра на тогашната бугарска административна, воена и полициска структура во Македонија. Во Скопје, на 22 јуни 1941 година, била формирана Воена комисија, која во улога на воен штаб, организирала низа подготвителни активности за отпочнување на оружената борба, а за таа цел на истиот состанок била донесена и одлуката за формирање партизански одред кој на почетокот бил составен од 12 припадници. Подоцна нивниот број пораснал на 42 кои биле од различна етничка припадност, а сепак се обединиле околу една единствена идеја – слободата. Затоа драги мои скопјани, ние немаме од што да се срамиме и секогаш со гордост се сеќаваме на нашата историја. За разлика од нас, некои наши соседи кои во минатото често биле на погрешната страна, преку обидите за интервенции во нашата историја се обидуваа да избришат делови од сопственото минато, притоа заборавајќи дека негирањето на нашата антифашистичка борба е истовремено негирање и на сопствените антифашисти, порача Шилегов.