Бутел денес е една од општините со најмногу важни капитални проекти и затоа најбрзо се развива. Во Бутел изминатиот мандат вложивме многу затоа што 30 години ВМРО-ДПМНЕ ја забораваше оваа исклучително важна општина за развојот на нашето Скопје. ВМРО-ДПМНЕ спротивно на тоа што денес се случува го развиваше само центарот на Скопје со мегаломанскиот проект „Скопје 2014“, каде што на 1 километар квадратен вложи над 700 милиони евра во барок, споменици и градби кои сега се распаѓаат, изјави градоначалникот на град Скопје, Петре Шилегов од Бутел, каде оствари повеќе средби со жителите на оваа скопска општина.
Додаде дека ВМРО-ДПМНЕ трошеше стотици милиони евра во партиски музеи, партиски плоштади, партиски цркви и партиска „Бела палата“ – споменик на урбаната мафија во Скопје. ВМРО-ДПМНЕ, според Шилегов е одговорно не само за зголемениот јаз меѓу центарот и периферијата, туку и за создавање поделби и конфликти меѓу скопјани од левата и десната страна на Вардар.
„Скопје веќе не е за едни мајка, а за други маќеа, како што беше кога урбаните мафијаши од ВМРО-ДПМНЕ го бетонираа Скопје со мегаломанскиот проект „Скопје 2014“, кој ги продлабочи поделбите, конфликтите и разликите помеѓу центарот и периферијата на Скопје“, потенцираше Шилегов.
„Со изградбата на булеварот Христијан Тодоровски Карпош обезбедивме побрз излез на скопската обиколница преку модерно булеварско решение со тротоари, вело-патеки, лед осветлување, средишно и странично зеленило. Исто и некогашната улица Босна и Херцеговина сега е булевар со велосипедски и пешачки патеки, ново зеленило и ново осветлување. Ги реконструиравме улиците Александар Урдаревски, Лазо Трповски и Боца Иванова, а започнуваме и со реконструкција на улицата Бутелска“, додаде тој.