Шилегов: Целосно бесплатен јавен градски превоз за сите пензионери секој ден

од Nikola Popovski
574 прегледи

Градоначалникот Петре Шилегов денеска присуствуваше на одбележувањето на Меѓународниот ден на старите лица – 1 Октомври, што се одржа на просторот кај летниковците во вториот дел од Градскиот парк. На настанот присуствуваа претставници од здруженијата на пензионери кои финансиски ги поддржува Градот Скопје.

„Денеска е денот кога оддаваме признание на вас повозрасните за се што правите за нас и нашето општество. За вашиот удел во развојот на заедницата, за вашиот влог во перспективна иднина и вашиот труд за квалитетен живот. Со задоволство сакам да ви го честитам 1 Октомври, Меѓународниот ден на старите лица и да ви посакам долг и среќен живот. Голема е честа да стојам пред вас овде и да ви кажам дека знаењето, мудроста и искуството кое вие го имате за сите нас е вредност која не поттикнува. Затоа сум благодарен за несебичната поддршка која ја давате во локалната заедница и ве повикувам да продолжиме заедно да го градиме Скопје во уште поубаво место за живеење – рече градоначалникот Шилегов“, на средбата.

Тој истакна дека негова заложба како градоначалник е континуирана поддршка на потребите кои ги имаат повозрасните граѓани, преку финансиска поддршка на Градскиот одбор на Сојузот на борците и Сојузот на пензионери на Град Скопје, бесплатниот јавен градски превоз за инвалидски пензионери, поддршката за активно стареење преку развој на дигитални вештини, креативни работилници и учење на занаети.

„Негата во домашни услови е исто така од особена важност за следење на здравјето како превенција, но и помош кога е потребно. Преку помагателите на Црвениот крст на Град Скопје им помагаме на сите лица со попреченост кои имаат потреба од поддршка во секојдневните активности меѓу кои се и повозрасните. За поголема независност и поефикасно функционирање, се обврзуваме услугата да ја продолжиме и развиваме. Бидејќи вашето здравје и среќата се наш приоритет. И тука со задоволство сакам да ви соопштам дека нашата грижа за вас повозрасните ќе продолжи и преку овозможување на бесплатен медицински транспорт до здравствените институции низ градот. За поефикасен, побезбеден и побрз транспорт до саканата цел, ќе овозможиме навремено пристигнување и одговарање на потребите на лицата од трето доба. Исто така, со задоволство сакам да ви претставам дека ќе овозможиме целосно бесплатен јавен градски превоз за сите пензионери, секој ден и во секое време. Нашата поддршка кон вас е се посилна. Нашиот град е еднаков за сите и така продолжуваме да инвестираме. За секоја категорија на граѓани, креираме мерки според нивните потреби и одговараме на нив без исклучок“, нагласи Шилегов.

Слични содржини