Шилегов: ВМРО-ДПМНЕ планирале трамвај за 150 милиони евра за еден правец, ние правиме две траси за двојно помалку пари

од Nikola Popovski
370 прегледи

„Мојот претходник од ВМРО-ДПМНЕ имал обид за трамвај на истата траса и само од Ѓорче Петров до Ново Лисиче би чинело 150 милиони евра. Тие работеле за тој вид на превоз само во еден правец“, вели градоначалникот на град Скопје, Петре Шилегов за воведувањето „Бас рапид транзит“, коментирајќи ги критиките на опозицијата.

Според него, тие работат за два правци на новиот вид на превоз во главниот град, за 70 милиони евра.

„Е сега не им одговара дека биле два правци за помала цена, а им одговараше кога планирале еден правец за двојно повисока цена“, рече Шилегов за „Студио 10“, дополнувајќи дека најголемата опозициска партија нема капацитет или визија.

„Го остваруваме 40 години стариот сон на скопјани за трамвај, обезбедувајќи систем подобар од трамвајот, согласно условите што ги овозможува денешно Скопје. Горди сме што Скопје е првиот град на Балканот кој го воведува БРТ-системот. Добиваме брз, безбеден и одржлив јавен транспорт, кој ќе биде атрактивен и ќе овозможи намалување на сообраќајниот метеж и аерозагадувањето“, најави вчера градоначалникот за новиот „Бас Рапид Транзит“.

Проектот опфаќа воспоставување две линии, со коридори од Ѓорче Петров до Ново Лисиче и од Бутел до Кисела Вода. Трасата од Ѓорче Петров до Ново Лисиче ќе биде во должина од 12,8 километри во една насока, ќе има 21 станица, два терминала во индустриската зона во Ѓорче Петров и во населбата Ново Лисиче, каде што ќе биде изграден новиот терминал.

Слични содржини