Кога во неполни 3.5 години, од кои една е во услови на светска пандемија, Градот и градоначалникот успеаа во рекордно време да завршат четири нови булевари, реконструираат цел клинички центар и да ја изградат монтажната болница, кога се завршува мостот на Вардар во Аеродром, кога секоја година се градат десетици километри нови велопатеки, подигаат илјадници квадратни метри нови зелени површини и истовремено се уредуваат запуштени јавни простори, се подигнуваат нови дрвореди, се уредуваат зелени покриви, кога светските организации за мерење на загадувањето на воздухот бележат континуиран пад на загаденоста во Скопје, кога низ градот се движат 33 нови МАН автобуси на гас, се пробива и расчистува кејот на Вардар, кога после 30 години управување со Град Скопје од страна на ВМРО ДПМНЕ, имавме само желба и муабети, а градоначалникот Шилегов успеа за само три години да го доведе градот пред набавка на трамвај на тркала, логично е дека оваа партија ќе нема што друго да прави освен да измислува скандали и да пласира лажни вести, реагира Градоначалникот на Скопје на пресот на опозициската партија.
„Ако се има сево ова предвид, тогаш е јасно зошто ВМРО ДПМНЕ вештачки се обидува да креира наводни скандали, бидејќи и нив им е јасно дека ќе добијат поразителна порака на следните локални избори. Им порачуваме да почнат да си го сакаат градот во кој што живеат, да почнат да работат за него и да престанат да шират лаги“, истакнува Шилегов.
Опозициската ВМРО-ДПМНЕ претходно го обвини дека сред пандемија дал милион денари за снимање шуми со дрон, а фирмата која го изведува снимањето е на партнерот на министерката за образование, Мила Царовска.
„Пред две недели, на 4 март, Флај Кем, фирмата на „родител два“ во семејството на Мила Царовска, потпишува договор со Град Скопје за снимање со дрон за неверојатни 1.340 евра за прелетан километар квадратен над Скопје! Всушност, сопругот на Мила Царовска склучил договор со потписникот Петре Шилегов, за цела година, односно за 12 месеци, во вкупна вредност од 1.000.000 денари“, рече Наум Стоилковски, портпарол на ВМРО-ДПМНЕ, денеска на прес-конференција.
Ова се случува во неколку наврати, потенцира Стоилковски, па така додека годинава се снимаат шумите за откривање растителни болести, во 2019 година се снимале диви депонии во Скопје, за речиси иста сума од милион денари за една година.