„Сè помалку политички субјекти или пратеници имаат желба да се качат на бродот што тоне“, е личниот став на пратеникот од редовите на ВМРО-ДПМНЕ и претседател на собраниската Комисија за надворешна политика Антонио Милошоски во врска со предлозите за формирање на широка коалиција.
Во однос на владејачкото мнозинство и најавите дека независниот пратеник Кастриот Реџепи ќе дејствува во рамките на пратеничката група на ДУИ, Милошоски рече дека примерот со Реџепи е „најдобар показател дека во парламентарното мнозинство нема борба за европски вредности, стандарди или реформи туку има само борба за власта поголемо влијание или позиција“.
Според него, нова влада е подобра од било какви други нови нефункционални комбинации.
За владејачката СДСМ пак парламентарното мнозинство е стабилно и велат се стремат кон уште поголема бројка. Велат шпекулациите за нестабилно мнозинство се само желба на одредени политички опоненти.
Прашањето за широка владина коалиција се отвори деновиве откако Павле Трајанов од Демократскиот Сојуз потенцираше дека оваа тема заслужува да биде разгледана и да остане отворена, но до тогаш вели останува во актуелната влада.
Наспроти ова пак Ставот на коалицискиот партнер во власта ЛДП е строго против било какво формирање на широка владина коалиција.