Левица како главна опозициска партија на ДПМНЕ во Собранието се обидува да го одврзе јазолот на систематското занемарување на палестинското прашање давајќи сопствени предлози, но и со поддршка на предлози на други политички чинители во Собранието, а кои се во полза на Палестина. Меѓутоа, за да успееме во намерата ги повикуваме и другите општествени чинители, пред сѐ интелигенцијата и медиумите да почнат да го поставуваат ова прашање и на претставниците на владата кои упорно бегаат од оваа тематика. На овој начин во медиумскиот простор би се актуелизирало ова горечко светско прашање за кое македонската јавност има јасен став на поддршка за Палестина, вели во разговор за „Локално“, членот на Левица и координатор на секторот Надворешна политика во партијата, Емир Шкријељ на темата за Предлог-резолуцијата која не доби поддршка во Собранието, а со која се бараше дозвола за влез на хуманитарна помош во палестинската енклава Газа разурната од израелските напади.
Како што посочува Шкријељ, ставот на македонската влада е одраз на внатрешната политика која таа ја води – тие пред сѐ не покажуваат никаква почит кон страдањата на македонскиот народ што може да се забележи во, како што додава, нивниот однос кон родителите и роднините на жртвите од Кочани што еклатантно се гледа во одбивањето на дневен ред да ја стават Надзорната расправа на Постојаната анкетна комисија во Собранието поднесена од Левица.
-Понатаму го имаме и константното занемарување на состојбата на нашите граѓани кои страдаат од сиромаштво, корупција, загадување, општа небезбедност итн. Очекувано е Влада која систематски го понижува и игнорира сопствениот народ, да не покажува солидарност со страдањата на било кој народ во светот, вклучувајќи го тука и палестинскиот народ. Да потсетиме дека во Собранието на Република Македонија упорно се трга од дневен ред Декларацијатата за признавање на државата Палестина поднесена од пратеничката група на Левица, додава членот на опозициската партија.
За соговорникот, многу европски земји сојузници на САД веќе го направиле она најважното и ја признале Палестина како држава. Меѓу нив се Норвешка, Шведска и Шпанија, а тука се вбројуваат сите источноевропски земји меѓу кои и значајни сојузници на САД како Полска, Романија, па дури и Украина.
-Јасно е дека не станува збор за никакво условување од САД. Понатаму, Република Шкријељ од Левица: Очекувано е Влада која систематски го понижува и игнорира сопствениот народ, да не покажува солидарност со страдањата на било кој народ во светот, вклучувајќи го и палестинскиот , да нѐ доведе во состојба на зависност од оваа земја особено во полето на безбедноста и воената технологија. Република Македонија меѓутоа треба да ја следи политиката на поддршка за палестинската кауза и борбата на поробените народи ширум светот – поддршка која несебично ја пружала пред реставрацијата на капитализмот во деведесетите години од минатиот век, рече Шкријељ запрашан колку е Македонија „зависна“ од Израел за да се плаши да зборува за случувањата во Газа или ова повторно е слепо водење по тоа што им го „наредува“ САД.
Со оглед дека интерес за иницијатива по ова прашање немаше ниту кај владиниот партнер ВЛЕН, координаторот на секторот Надворешна политика во Левица вели дека кога станува збор за албанските политички партии, тие се во иста мерка „отуѓени од сопствените бирачи кои постојано ги користат како алатка за постигнување на сопствените цели“.
-Како и за секое друго реално прашање, тие се обидуваат својата пасивност и бесчувствителност да ја маскираат постојано пренасочувајќи го дискурсот кон етничка тематика притоа тотално, игнорирајќи ги чувствата на сопствените бирачи. Ова е очигледен пример дека тие не се претставници на Албанците во Македонија туку претставници на сопствените ситнобуржоаски интереси, потенцира Шкријељ.
Соговорникот не очекува дека ќе дојде до признание на Палестина од страна на Македонија откако Франција ќе го стори тоа, но сепак се надева дека Владата ќе го промени своето мислење.
-Во оваа прилика го повикуваме Собранието на Република Македонија да ја изгласа Декларацијата за признавање на државата Палестина поднесена од пратеничката група на Левица уште пред најавеното француско признавање, со што ќе застане на вистинската страна на историјата и ќе се врати на тековите на традиционалната поддршка на сите народи во светот кои се борат за слобода. Ова е особено значајно имајќи предвид дека македонскиот народ во својата историја исто така пател и бил заложник на окупатори и ентитети кои го негираат, а тоа продолжува да се случува и ден-денес, потсетува Шкријељ.
Н.П.