Шкријељ за гласањето во ОН: Кубанскиот народ не е наш непријател како што ниту признавањето на Палестина не е емотивен чин како што тврди Муцунски

По македонското гласање во ОН за продолжување на санкциите против Куба, Левица бара МНР конечно да обелодени кој е нашиот амбасадор и да објасни зошто оваа информација се сокрива толку долго време

од Nikola Popovski
48 прегледи Фото: Архива

„Ваквото произнесување комплетно излегува од рамките на традицијата на македонската дипломатија при што се гласаше во спротивност со начелата на меѓународна солидарност и општочовечки вредности. Ние сме народ кој и самиот бил, а во некоја мерка и натаму е жртва на блокади, ембарга, уцени и обесправувања на меѓународната сцена, но сега преку своите претставници демонстрираме однос за чија суштинска неправедност и штетни последици сме и самите свесни“, вели во разговор за „Локално“, членот на Левица и координатор на секторот Надворешна политика во партијата, Емир Шкријељ на темата за македонската надворешна политика и гласањето на Генералното собрание при Обединетите нации.

По нашата одлука за продолжување на санкциите против Куба, Шкријељ вели дека е еден преседан и срамен чин на Министерството за надворешни работи кој му штети на нашето реноме и моментална позиција во меѓународните односи.

-Да напоменам дека на македонската јавност сè уште не ѝ е познато кој ја претставува Република Македонија во Обединетите нации, после заминувањето на Љубомир Фрчкоски од оваа позиција пред една година и шест месеци. Ние неколку пати, директно или посредно, се обидовме да дојдеме до оваа информација па ќе ја искористиме приликава да го повикаме МНР конечно да обелодени кој е нашиот амбасадор во ОН и да објасни зошто оваа информација се сокрива толку долго време, бара соговорникот.

И во претходните гласања во ОН за Газа и Украина, македонските ставови беа усогласени со ставот на САД и нивните „желби“. Според Шкријељ, очигледна е насоченоста кон исполнување на желбите на Трамповата администрација, на чија што претседателска инаугурација нашиот државен и дипломатски врв впрочем и присуствуваше.

-Тука гледаме и создавање на еден изолационистички курс изразен во заземањето позиции спротивни на повеќето европски земји и наше оддалечување од европските политики, особено ако земеме предвид дека премиерот Христијан Мицкоски, откако е на актуелната позиција, има остварено официјални посети на мал број земји на ЕУ (меѓу кои се Унгарија и Хрватска) додека во меѓувреме се засилуваат политичките и економски партнерства со САД и Велика Британија. Во ваквата поставеност на работите сериозно страда нашата позиција на кандидат за влез во Европската унија од причина што сериозно се одудира од надворешно-политичките позиции на Унијата и многу малку се сработува на полето на интензивирање на односите со земјите-членки, како и на промоцијата на Република Македонија и запознавањето на Европа со нашата актуелна состојба, вели соговорникот и додава дека „овој дипломатски авантуризам и талкање можат скапо да нè чинат на меѓународната сцена имајќи предвид дека на тоа поле се бара одмереност и претпазливост, а не правење чудни чекори и заземање екстремни позиции“. Според Шкријељ, ваквите потези се и негација на сè поевидентната реалност на мултиполарност во меѓународните односи каде повеќе нема место за доминација на само една супер-сила, во овој случај САД, која ќе ја наметнува својата воља и демонстрира својата моќ насекаде низ светот.

Координаторот на секторот Надворешна политика во Левица смета дека е очигледно како овде станува збор за додворување во обид земјата да се позиционира поблиску до САД и претпоставува дека ваквото гласање е на иницијатива на премиерот Христијан Мицкоски или на министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски.

-Речиси е сигурно дека евентуалното праведно и хумано гласање во спротивна насока не би имало никакви штетни последици по Република Македонија. Апелирам до Министерството за надворешни работи да го напушти курсот на кој се престројува веќе некое време и надворешно-политичките алатки да ги искористи за унапредување на нашите позиции и потврдување на општочовечките вредности на солидарност и хуманост. Кубанскиот народ не е наш непријател како што ни признавањето на Палестина не е емотивен чин (како што тврди министерот Муцунски). Најнакрај промоцијата на вредностите и интересите на Република Македонија во светот, а пред сè во Европа, е од клучна важност за постигнување на нашите надворешно-политички планови и амбиции, истакнува Шкријељ.

Генералното собрание на Обединетите нации по 33-ти пат ја осуди економската блокада на САД врз Куба. Од 193 земји членки, 165 гласаа за укинување на ембаргото, а Македонија, заедно со САД, Израел, Унгарија, Аргентина, Парагвај и Украина, беше меѓу седумте што гласаа против.

Според Обединетите нации, ова претставува отстапување од досегашната, речиси универзална поддршка на резолуцијата.

Македонија и претходно гласаше во согласност со САД по одредени меѓународни прашања – беше воздржана при гласањето за резолуциите за Газа и Украина.

Дел од медиумите објавија како од МНР објаснуваат дека ваквата одлука се темели на три клучни постулати: членството во НАТО, усогласеноста со заедничката надворешна и безбедносна политика на ЕУ и стратешкото партнерство со САД.

„Во однос на гласањето на Република Северна Македонија во Генералното собрание на Обединетите нации по Резолуцијата на Куба за укинување на економската, трговската и финансиската блокада од страна на САД, информираме дека одлуката за нејзино неподдржување беше донесена во услови на неусогласен заеднички став на земјите-членки на Европската унија, имајќи ги предвид националните интереси на државата“, соопштуваат од официјалната македонска дипломатија.