Шојгу го информираше Путин за украинскиот напад врз рускиот десантен брод

од Stefanija Kuzmanovska
190 прегледи

Рускиот министер за одбрана Сергеј Шојгу денеска го информираше претседателот Владимир Путин дека големиот десантен брод „Новочеркаск“ е оштетен во пристаништето Феодосија на Крим, при одбивањето на напад на украинските вооружени сили.

„Министерот за одбрана Шојгу го информираше Путин за нападот на украинските вооружени сили врз Феодосија и оштетувањето на големиот десантен брод Новочеркаск“, рече Песков.

Според последните информации од министерството за вонредни состојби, во нападот загинало едно лице, а четворица се ранети, пренесува РИА Новости.

Претходно, руското министерство за одбрана излезе со соопштение за нападот.

„Во текот на одбивањето на нападот на вооружените сили на Украина врз базата Феодосија со проектили управувани од воздух, беше оштетен големиот десантен брод Новочеркаск. Системите за противвоздушна одбрана уништија два непријателски тактички авиони Су-24 во областа на населбата Жовтен, која истрела проектили управувани од воздух“, соопшти руското министерство.

Лидерот на Крим Сергеј Аксјонов рано утринава објави дека украинските сили извршиле напад на пристаништето во Феодосија, што резултирало со експлозија и пожар.

Претходно, командантот на украинските воздухопловни сили Микола Олешук изјави дека Украина извршила воздушен напад врз Федосија на Крим и дека во нападот бил уништен рускиот десантен брод „Новочеркаск“.

Слични содржини