Германскиот канцелар Олаф Шолц му предложил на унгарскиот премиер Виктор Орбан да ја напушти салата и да се напие кафе додека лидерите на земјите од ЕУ гласаат за почеток на преговорите за членство на Украина, пишува „Политико“, повикувајќи се на официјални лица запознаени со ситуацијата.
„Приближно три часа по ќор-сокакот на дискусиите меѓу лидерите на ЕУ за пристапот на Украина во блокот, германскиот канцелар му предложи на унгарскиот премиер Виктор Орбан: Можеби треба да одите да се напиете кафе“, пишува весникот.
Шолц сметал дека тоа ќе им овозможи на лидерите на 26 европски земји да донесат одлука за почеток на преговори со Киев, а унгарскиот лидер сепак може да каже дека не гласал „за“, се наведува во написот.
Стратегијата на германскиот канцелар предизвика изненадување во Брисел и пошироко, бидејќи постапките на Шолц на европската сцена, како што пишува весникот, досега биле разочарувачки. Имено, критичарите му замерија дека нема тактички вештини за преговарање и комуникација во споредба со поранешната канцеларка Ангела Меркел.
Како што е наведено, идејата дека лидерот на една од земјите на ЕУ ја напушта просторијата за да се постигне едногласност за некое прашање е многу невообичаена. Всушност, претставниците на ЕУ и дипломатите на самитот во четвртокот не можеле да кажат дали потегот кој го направил Шолц некогаш бил употребен.
Потсетуваме, лидерите на земјите од ЕУ донесоа одлука за почеток на преговори за членство на Украина и Молдавија, а на Грузија ѝ дадоа статус на земја кандидат. Извор од Брисел објави дека унгарскиот лидер „привремено ја напуштил салата во која се гласало“.
Орбан подоцна рече дека Унгарија не го променила својот став и дека нема да ја дели „таа лоша одлука“ со другите земји. Како што истакна, сега Будимпешта нема што да загуби, а во иднина може уште 75 пати да го блокира приемот на Украина во ЕУ.
Истовремено, Унгарија го блокираше пакетот макрофинансиска помош за Киев во вредност од 50 милијарди долари за периодот 2024-2027 година.