Шолц: Преговорите меѓу Вучиќ и Курти не пропаднаа

од Stefanija Kuzmanovska
203 прегледи

Германскиот канцелар Олаф Шолц изјави дека преговорите во Брисел со претседателот на Србија, Александар Вучиќ и со премиерот на Косово, Албин Курти, не пропаднале, бидејќи, како што нагласи, и двајцата изразиле подготвеност за спроведување на постигнатите договори и за формирање на Заедница на српски општини.

„Сега имаме изјава од Курти и Вучиќ дека ќе ги спроведат мерките од документите што ги подготвивме, Основниот договор, Охридскиот договор и сега и концептот на конкретен нацрт за формирање на ЗСО. Тоа е јасно кажано и тоа е важен чекор“, истакна Шолц во Брисел по завршувањето на Самитот на ЕУ.

Тој додаде дека е важно овие чекори да се преземат сега и сите кои имаат политичка одговорност на терен да најдат сила да се подготват за иднината.

„Ова не е нешто каде што може да се каже кој има најмногу поени, туку како можеме да изградиме иднина за граѓаните на Косово и Србија и мирна перспектива за нив. И Косово и Србија сакаат да влезат во ЕУ, а за тоа тие мора да станат најдобри соседи“, посочи Шолц, додавајќи дека тоа може да се случи само ако за лидерите тоа е приоритет.

Слични содржини