Германскиот канцелар Олаф Шолц се критикуваше себеси и работата на неговата влада за грешки што доведоа до ниско ниво на задоволство на граѓаните од работата на коалициската влада, беше објавено во средата.
„Како канцелар носам одговорност за работата на Владата. Би било неодговорно да се каже дека сето ова нема никаква врска со мене“, изјави Олаф Шолц (Социјалдемократска партија на Германија СПД) во интервју за најновото издание на неделникот „Ди Цајт“.
Канцеларот рече дека најголемата грешка е што многу одлуки биле проследени со јавни расправии меѓу членовите на владата. Тој директно не ги спомна честите кавги на лидерите на другите две партии од владејачката коалиција, Партијата на зелените и Либерално-демократската партија (ФДП), но алудираше на тоа дека тој сноси одговорност како канцелар.
„За жал, многу ретко беше можно да се донесат важни одлуки без долготрајни јавни борби“, рече Шолц, посочувајќи на најниското ниво на популарност на неговата влада од преземањето на функцијата на крајот на 2021 година.
Воедно рече дека сега се решени најспорните прашања од коалицискиот договор за кои се очекуваа спорови.
Повеќе од две години, коалицијата на Шолц на социјалдемократите (СПД), Зелените и либералите е вклучена во чести јавни спорови и контроверзии.
Шолц ги демантираше пишувањата на некои медиуми, според кои размислува да поднесе оставка од канцеларската функција.
Тој изрази уверување дека неговата проблематична коалициска влада ќе доживее пресврт во блиска иднина.
„Фактот што сега успеавме да составиме соодветен буџет кој одговара на нашите сегашни предизвици по пресудата од Карлсруе, ми дава надеж“, рече Шолц, мислејќи на одлуката на Уставниот суд што ја втурна неговата влада во буџетска криза.
Запрашан за зголемената популарност на екстремно десничарската Алтернатива за Германија (AfD), Шолц го опиша десничарскиот популизам како „отров за нашиот соживот и нашата демократија“. Тој тврди дека ќе биде тешко да се убедат оние кои имаат фундаментално екстремно десничарски ставови во спротивното, но дека другите гласачи може да се вратат со „спроведување политики што ја водат нашата земја во вистинската насока и ги решаваат проблемите“, како што е миграцијата.
Работата на германската коалициска влада следи по бранот незадоволство поради инфлацијата, инсистирањето на некои прашања како заштитата на климата и мислењето на граѓаните дека владата не е во состојба да ја запре неконтролираната имиграција, што ја зголеми популарноста на десничарските партии како Алтернатива за Германија.
Според последните истражувања на јавното мислење, популарноста на владата е на ниско ниво, а сите три партии од владејачката коалиција заедно во моментов се поддржани од само 32 отсто од гласачите.