Убеден сум дека претставниците на народот ќе постапат во најдобар интерес на земјата, и ќе ја водат напред, порачал Дерек Шоле, советникот на американскиот Стејт департмент во изјава за МИА, во однос на најавените уставни измени и внесување на Бугарите во Преамбулата.
Тој истакнува дека како „земја имаме постигнато многу во нашите три децении независност“.
Со храброст и пожртвуваност ја отворивте вратата за влез во НАТО, и ние бевме покрај вас кога влеговте. Сега се отвори уште една врата. Како што неодамна изјави амбасадорката Анџела Агелер, во сржта на вашата одлука е вашиот народ, изјавил Шоле.
Шоле подвлекува дека постигнувањата и отпорноста на Северна Македонија се вистинска инспирација – а тоа кажува многу и за нејзиниот народ.
САД се горди што се со Северна Македонија додека таа успешно ги остварува заедничките цели. Северна Македонија долги години беше партнер на САД во делот на безбедноста, а за само неколку години веќе се покажа и како силен сојузник во НАТО. Извонредното претседавање на земјата со ОБСЕ, како вистински лидер, во овие клучни моменти е од витална важност за нашите напори во борбата против ширењето на дезинформации од страна на Русија, и за поддршка на Украина. Заедно направивме важни чекори во јакнењето на демократските институции, владеењето на правото и регионалната енергетска безбедност. Ова е само почеток на едно силно партнерство кое ги надминува границите на нашите земји и се протега до регионалната безбедност и глобалните предизвици, вели Шоле.