Шпанскиот премиер Санчез останува на чело владата

од Илинка Илиоска

Шпанскиот премиер Педро Санчез ја објави својата одлука да не поднесе оставка од функцијата премиер на Шпанија, со намера да остане на својата функција. Како што изјави, за својата одлука веќе го известил кралот Фелипе.

По петдневните шпекулации за неговата иднина, минатата недела, Санчез објави дека ги откажува сите официјални ангажмани откако судот отвори првична истрага против неговата сопруга поради тврдења за корупција.

Тој, како што пренесе Би-Би-Си, ја припиша истрагата против неговата сопруга на кампања за дестабилизација организирана од десничарската опозиција. Од средата, кога беше објавена прелиминарната истрага за „корупција“ и „несоодветно влијание“, тој ги прекина сите јавни активности за да размисли дали вреди да продолжи како премиер. Тоа беше изненадување дури и за луѓето од неговата Социјалистичка партија (ПСОЕ).

Обвиненијата против сопругата на Санчез, Бегоња Гомез, беа покренати против неа од организацијата Манос Лимпијас (Чисти раце), предводена од човек поврзан со екстремната десница наречена Мигел Бернад.

Во четвртокот, јавниот обвинител на Мадрид побара да се прекине истрагата поради недостиг на докази. Манос Лимпијас, исто така, призна дека наводите можеби се неточни бидејќи се засновани на стории на онлајн весници – од кои едната веќе се покажала како лажна.

Педро Санчез е на власт од 2018 година.

Слични содржини