Таен тим кој работи за руската шпионска агенција ФСБ (Федерална служба за безбедност) го отрул опозицискиот активист Алексеј Навални во август, откако претходно го следеле на неговите патувања, додека го подготвувале теренот, според истражната веб-агенција „Белингат“.
Повикувајќи се на „обемни“ телекомуникациони, како и податоци за патувања, „Белингат“ објави дека овој шпионски одред го следи Навални од 2017 година. Операцијата очигледно започнала откако Навални објавил дека ќе се спротивстави на Владимир Путин на претседателските избори.
Набљудувачкиот тим на ФСБ го следел на повеќе од 30 дестинации, велат од „Белингат“.
„Можеби тие прв пат се обиделе да го отрујат во јули оваа година, кога Навални отпатува за Калининград на романтично патување со неговата сопруга Јулија. За време на патувањето, на Јулија одеднаш ѝ се слошило. Таа седела во кафуле на плажа и тешко успеала да стигне до хотелот“.
„Никогаш во животот не сум се чувствувала толку лошо“, се сеќава таа. Сепак, таа се опорави следното утро.
Еден месец подоцна, Навални одлета во Сибир, како дел од неговата кампања за лобирање на гласачите за поддршка на кандидатите против Кремљ на изборите во Дума. Му се слоши на летот од Томск кон Москва. Авионот итно слетал во Омск, каде Навални се лекуваше во болница пред да биде пренесен во Германија.
Германските лекари потврдија дека Навални е отруен од новичок, истиот смртоносен нервен агенс што го користеа двајца московски атентатори против Сергеј и Јулија Скрипал. Труењето во Солсбери е дело на руската воена разузнавачка агенција ГРУ, соопшти Даунинг Стејт.
Наспроти тоа, заговорот против Навални бил скован од ФСБ, тврди „Белингат“.
Овој став го делат западните влади и агенции. Тие тврдат дека Русија не ги прекинала своите програми за хемиско оружје, како што тврди, туку ги криела во сенката на државните институти.
Тројца офицери на ФСБ патувале од Москва до Новосибирск заедно со Навални, а потоа го придружувале до Томск, објави „Белингат“. Најмалку пет други вработени во ФСБ ја поддржале мисијата. Некои продолжиле до Омск, каде Навални лежеше во кома.
Членовите на единицата комуницирале едни со други во текот на целото патување, се вели во извештајот. Ненадејни настани се случиле непосредно пред труењето, кога Навални го напуштил својот хотел рано наутро по московско време и се упатил кон аеродромот во Томск. Накнадно, новичок беше идентификуван на шише со вода во неговата хотелска соба.
Од „Белингат“ велат дека тие веруваат дека труењето во август било одобрено „во највисоките кругови на Кремљ“. Се сугерира дека Русија ја водела целата програма, во рамките на која бил планиран напад врз Навални и други можни жртви.
Во 2016 година, јавната истрага заклучи дека Путин и тогашниот директор на ФСБ „веројатно“ го одобриле убиството на рускиот дисидент Александар Литвиненко. Тој починал откако проголтал радиоактивен чај, кој во Лондон го испорачале двајца оперативци на ФСБ.
Кремљ најверојатно ќе ги отфрли последните докази на „Белингат“, објавени денес заедно со руската веб-страница „Инсајдер“, како и списанието „Дер Шпигел“ во Германија и Си-Ен-Ен. Москва вели дека нема докази дека Навални бил отруен и додава дека нема што повеќе да се истражува.
Минатиот месец рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров посочи дека Навални можеби бил отруен во авион за Германија или кога пристигнал во Берлин. Навални – кој допрва треба да се врати во Москва – изјави претходно дека само ФСБ или нејзиниот странски еквивалент СВР можел да го отруе.
Се чини дека руските шпиони не обрнувале многу внимание на дигиталните информации од 21 век, што го олеснило нивното следење. Шпионскиот тим кој го отрул Навални дури користел и фиксни телефони, кои редовно биле следени.