Голем скандал изби во Грција откако весникот „Документо“ објави дека владата во Атина прислушувала телефони на десетици луѓе.
Меѓу прислушуваните има претставници на опозицијата, новинари, владини претставници, бизнисмени и полицајци.
Весникот, чии новинари го истражуваат овој случај веќе неколку месеци, пишува дека цел на прислушувањето бил поранешниот шеф на грчката полиција Михалис Карамалакис, чиј мобилен телефон бил прислушуван со помош на софтверот „Предатор“. Акцијата ја спроведе Националната разузнавачка служба (EYP), а по наредба на актуелниот премиер Киријакос Мицотакис.
Во извештајот се наведува дека Националната разузнавачка служба прислушувала повеќе од сто телефонски броеви. Меѓу прислушуваните се опозицискиот политичар Никос Андрулакис, обвинителот Христос Бардакис, како и влијателните новинари Тина Месаропулу, Танасис Кукакис и Ставрос Михалудис.
Интересно е што премиерот Мицотакис наредил прислушување и на сопствените советници и луѓе од доверба.
Премиерот Мицотакис е тој што директно ја надгледува работата на Националната разузнавачка служба. Тој ги отфрли сите обвинувања на весникот „Документо“.
Лидерот на опозицијата Алексис Ципрас го повика премиерот „да престане да се крие“, да излезе во јавноста и да одговори на обвинувањата.
– Обвинувањата за прислушување нарачани од премиерот Мицотакис се недокажани и неосновани. Опозицијата се обидува да создаде политичка аномалија за да го оправда поразот што ќе го претрпи на следните избори – изјави Јанис Оиконому, портпарол на премиерот.
Иронијата е што весникот „Документо“ наведува дека меѓу прислушуваните помошници на премиерот бил и неговиот портпарол Јанис Оиконому.
Скандалот со прислушувањето во Грција првпат изби на почетокот на август годинава, кога Панајотис Контолеон, тогашен шеф на Националната разузнавачка служба, пред парламентарната комисија изјави дека разузнавачката служба го прислушувала новинарот Танасис Кукакис, кој е експерт за финансиски измами. На почетокот на овој месец, Европскиот парламент ги обвини властите во Атина, како и три други членки на Европската унија, дека го користат системот „Предатор“ за прислушување на нивните граѓани.
Специјален софтвер за прислушување: Македонско-израелска врска
Софтверот за прислушување „Предатор“ е развиен од софтверската компанија „Ситрокс“ со седиште во Македонија, која е поврзана со израелското Министерство за одбрана. Овој софтвер е компатибилен со израелскиот софтвер „Пегазус“, за кој беше откриено дека се користел за прислушување на повеќе влади и разузнавачки агенции. Двете програми можат да пристапуваат до повици, пораки, фотографии и датотеки и можат тајно да ги вклучуваат насочените телефони, камери и микрофони.