Штајнмаер и Шолц: Напаѓачот во Солинген мора брзо да биде фатен и казнет

од Vladimir Zorba
57 прегледи

Претседателот и канцеларoт на Германија, Франк-Валтер Штајнмаер и Олаф Шолц денеска изјавија дека напаѓачот кој уби три лица и рани осум во Солинген, на западот на земјата, мора наскоро да биде фатен и најстрого казнет.

Утринава во телефонски разговор со градоначалникот на Солинген, Тим Курцбах, Штајнмаер изразил сочувство за жртвите од нападот и изразил надеж за брзо закрепнување на повредените, соопшти кабинетот на претседателот.

Шолц на платформата Х напиша дека е шокиран од нападот во Солинген, наведувајќи дека тоа е страшен настан.

Канцеларот телефонски разговараше и со градоначалникот на Солинген и им посака брзо закрепнување на инволвираните и изрази сочувство до семејствата на загинатите.

Германската полиција за порталот „Тагешау“ не сакаше ниту да потврди ниту да демантира дали имало апсења поради нападот во Солинген. По тој напад, полицискиот синдикат ги повика граѓаните да се воздржат од шпекулации особено на социјалните мрежи и да не шират гласини.

Лидерот на полицискиот синдикат GdP на германската сојузна покраина Северна Рајна Вестфалија, Михаел Мертенс ја изрази својата загриженост за шпекулациите кои во моментов се шират на социјалните мрежи. Мертенс изјави дека засега нема конкретни информации за извршителот на нападот.

„Описите на напаѓачите дадени од сведоците се делумно контрадикторни. Ова не е изненадувачки: луѓето се во шок поради она што го доживеале. Полицијата сега мора да може непречено да ја врши својата работа“, рече Мертенс.

Полицијата соопшти дека продолжила со опсежна потрага по сторителот и дека во центарот на Солинген се распоредени голем број полицајци, меѓу кои и специјални единици, пишува германски „Тагешау“.

Се нагласува дека во моментов се сослушуваат сведоците и повредените.

Полицијата соопшти дека досега собрала малку информации за напаѓачот и верува дека нападот го извршило едно лице.

Според портпаролот на полицијата во Дизелдорф, осомничениот се бара и надвор од Солинген, а во тој град се поставени голем број блокади на патиштата.

Локалниот „Zollingen tageblat“ јавува дека, според очевидци, осомничениот изгледал како Арап.

Фестивалот по повод 650-годишнината од основањето на градот беше прекинат веднаш по нападот, а полицијата ги предупреди граѓаните да не одат во центарот на градот. Солинген има околу 160.000 жители и се наоѓа во близина на поголемите градови – Келн и Дизелдорф.

Слични содржини