Германскиот министер за надворешни работи Франк Валтер Штајнмаер, побара побрзо да бидат вратени емигрантите со одбиени барања за азил од Балканот во своите родни земји и предложи Косово, Албанија и Црна Гора да бидат прогласени за сигурни земји.
“Косово, Албанија и Црна Гора во споредба со Сирија, Ирак и Судан се сигурни земји”, рече уште тој пред “Билд ам Зонтаг”, цитиран од МИА.
“Од 30 до 40 проценти од поднесените барање за азил се од земји од Западен Балкан. Оваа ситуација веќе не се издржува”, додаде Штајнмаер пред изданието.
Тој рече уште дека оваа група испраќачи на барања немаат шанса да добијат статус на бегалци во Германија.
Во своето обраќање, цитирано од друг германски весник – “Франкфуртер алгемајне” – Штајнмаер повика и за правична распределба на бегалците во Европската унија.”Ситуацијата не може да остане онаква каква што е. Тоа нема никаква врска со европската солидарност. Ние, во Европа, имаме потреба од квоти за дистрибуција, кои ќе доведат до повеќе правда”, рече уште тој.
Министерот за надворешни работи посочи дека на прво место треба да бидат создадени стимулации за луѓето од дадените земји да останат во своите домови, а не да бегаат.