Штипјани ќе избираат нов градоначалник во декември

од Берта Китинска
295 прегледи

Министерот за локална самоуправа Горан Милевски на прес-конференција истакна дека според Државната изборна комисија би требало да се одржуваат некаде на 13 декември – првиот круг и на вториот круг на 27 декември.

Тој се надева дека на ист ден треба да се одржуваат избори и во Општина Пласница поради испразнето градоначалничко место.

– Согласно законските рокови ја информиравме Владата и дадовме една предлог-одлука за констатирање на престан на мандатот на Благој Бочварски којшто стана министер за транспорт и врски. Владата го разгледала нашето барање и ја прифати одлуката и претпоставувам дека денеска ќе се најде и во рацете на Талат Џафери, кој единствено е надлежен да ги распише изборите во Штип, вели Милевски.

Министерот соопшти дека, според ДИК и согласно законските рокови, тоа би значело изборите да се одржуваат некаде на 13 декември – првиот круг, и на 27 декември – вториот круг.

-Но, ние сметаме дека ДИК треба да го препрочита и законот и ако изнајде некоја најмала можност како што имаме вонредно парламентарни и претседателски избори, да го направи тоа по скратени рокови, да не мораат граѓаните да гласаат пред Нова година, во тој зимски период, вели тој.

Милевски посочи дека тие како Министерство и Владата ја завршиле нивната надлежност во текот на вчерашниот ден и сега останува Талат Џафери и ДИК да го прецизираат рокот кога ќе се одржуваат изборите.

– Мислам дека во ДИК има расположение и е спремна за пократки рокови, меѓутоа прашање е дали законот тоа му го дозволува, бидејќи во делот за локална самоуправа не се предвидени вонредни локални избори, рече тој.

Милевски потенцираше дека треба да се испланираат и рокови за вонредни локални избори во законот за локална самоуправа во случаи коишто се случуваат или за други функции или заради немили настани.

Слични содржини