Штипската клиничка болница за една година ги подмирила речиси сите долгови

од desk2
174 прегледи

Околу 500 вработени во Клиничката болница во Штип вчера ги добиле парите за дежурствата, кои во изминатите три години, не им биле исплаќани согласно законот. Директорот на Клиничка болница-Штип, Ален Ѓеорѓијев на денешната прес-конференција рече дека од буџетот на болницата на сметките на вработените се пристигнати околу 145.000 евра.


– Другата половина вработените ќе ја добијат на почетокот на септември и со тоа ќе го исплатиме тој долг за трите години наназад, а кои требало да им бидат исплатени. Во моментов се исплаќаат и сите додатоци од плата, како што треба и дополнително од март оваа година се исплаќаат по повисоки ставки и дежурствата и ноќната работа. Успеавме и надоместоците за одвоен живот на сите наши специјализанти да ги доведеме во ред, сега се плаќаат навреме, вели Ѓеорѓијев.

Тој рече дека речиси е исплатен и долгот на Одделението за трансфузиологија, кој пред една година бил 24 милиони денари, досега се исплатени 18 милиони денари, а до крајот на годината очекува да го анулира.
Во моментов овој регионалниот центар нема неплатени сметки. Забележува дека во изминатиот период по пат на донација од Јапонската амбасада се добиени и две амбулантни возила, потоа пациентите, како што вели, користат пакувана и поквалитетна храна. Инвестиции има и за подобри услови на пациентите.
– Комплетно е реновирана детската соба на Одделението за хирургија, комплетно е опремена коронарната единица, каде што сега има 10 нови лежаи. Беше недозволиво во интензивната нега да немаме ниту еден пациент монитор, сега таму има три нови, а пет нови има во анестезија и реанимација. Во функција е ставен и коронарниот стрес тест, вели Ѓеорѓијев.

Тој забележува по долги години спроведена е и обука на вработени за безбедност при работа, а во септември ќе се направат и систематски преглед на сите вработени кој согласно законот требало да се прави и во изминатите години. Што се однесува за медицинската апаратура, ангиографот е ставен во функција.

– На магнетната резонанца и е направен комплетен сервис. Се поправија и сите оние апарати кои беа расипани. Компјутерскиот апарат беше сервисиран два пати, а сето тоа не чинеше 140.000 евра, вели Ѓеорѓијев.

Со сопствени средства болницата набавила и апарат за лепење на крвни садови, потоа три лапараскопски столбови, со кои ќе се прават нови операции од областа на урологијата, хирургијата и гинекологијата. Во својот отчет Ѓеоргијев забележува дека и по 40 години набавени се и нови машини за перење и сушари. Штипската Клиничка болница од својот буџет за нови апарати има потрошено околу 160.000 евра.