Кучињата треба да се обучуваат да не бараат храна која луѓето ја консумираат, а особено треба да внимаваме кога станува збор за празнични оброци кои не се соодветни за домашни миленици. Кучето можете да го израдувате само со „задоволства“ за животни, изјави рускиот кинолог Владимир Голубев за „Спутник“.
„Во случај кучето да јаде празнична храна – ќе има стомачни проблеми. Подобро е да подготвувате слатки кои му се корисни и да го следите за време на празникот за тоа што јаде“, рече Голубев.
Тој додаде дека се случува кучето понекогаш да земе нешто од масата и да го изеде. Употребата на таква храна може да доведе до дигестивни проблеми, труење или други нарушувања во исхраната, предупредува кинологот.
Невидливи отрови
Голубев забележал дека пушената и мрсна храна, салатите со мајонез, вклучително и „руската салата“, како и маслинките се опасни за кучето. Покрај тоа, на кучето не треба да му се даваат сендвичи со путер и кавијар, печено и пржено пилешко или патка, кромид и лук.
Чоколадото е отров за кучињата, и темното и белото чоколадо, како и бонбоните со јаткасти плодови и какао. Сите овие производи содржат теобромин (горчлив алкалоид) кој е опасен за кучињата, бидејќи предизвикува неповратно оштетување на желудникот и другите органи.
„Може да се случи кучето да добие воспаление на панкреасот или дури и хепатитис. Бидејќи кучињата сакаат слатки, мора да внимавате кога носите колачи на масата, за да не посегнат по нив“, предупредува Голубев.
Проблеми со бубрезите кај кучињата може да предизвикаат грозје, суво грозје, калинка, која содржи големи количини танини (ги стеснува крвните садови), што може да ги наруши функциите на органите за варење и да предизвика срцеви заболувања.
Здрава исхрана за кучиња
Според кинолозите, тоа што не му ја давате на вашето куче храната што ја јадете не значи дека го навредувате. Подобро е да му подготвите храна порано, како што се печени или сушени месни внатрешни делови, месо, овошје или зеленчук. Овие производи може да се даваат поединечно или во комбинација.
На кучето може да му се даде и зеленчук и овошје кои не биле термички обработени: моркови, краставици, слатки компири, јаболка, излупени круши и банани.
Покрај тоа, можете да купите и храна за кучиња на база на круши, слатки компири, моркови и јаболка со суво месо.