СКОРО е невозможно да останеме целосно смирени кога дете нè удира или повредува, објаснува психологот Лора Маркам. Во овој случај, родителите често реагираат бурно, што според психологот е една од најголемите грешки што можат да ги направат. Имено, во повеќето случаи, удирањето на детето не е знак на неговата омраза, агресивност, па дури и лутина, туку некоја друга фрустрација или емоционална потреба која не знае да ја изрази на поинаков начин.
Па, што треба да направи родителот кога сопственото дете ќе го удри? „Секоја акција што вклучува физичка болка од ваша страна ќе има резултати кои нема да бидат добри за ниту еден од вас. И онака непријатната ситуација само дополнително ќе ескалира и ќе продолжи циклус кој вклучува физичко насилство, кое никогаш не се препорачува“, објаснува психологот, кој додава дека удирањето дете најчесто потекнува од страв.
„И дури и кога не знаете од што навистина се плаши вашето дете, а неговата агресија изгледа како да доаѓа од никаде, вака вашето дете го покажува својот страв. Ако одговорите на тоа со уште поголема агресија, ќе го ескалирате постоечкиот страв и ќе ја зголемите веројатноста за идни удари“, предупредува Маркам.
Понекогаш клоцањето на детето доаѓа од љубопитност. Имено, додека расте, експериментира и ги доведува во прашање границите, а психологот нагласува дека родителите треба да сфатат дека ова е само минлива фаза, но и можност да постапат соодветно и да престанат со понатамошните удари.
Најлошото нешто што еден родител може да го направи кога детето ќе го удри е да му вика, да го навредува или да употреби физичко насилство.
За да научи детето што подобро да ги контролира сопствените емоции, психологот советува родителите да реагираат на следниот начин.
„Прво, прифатете ги неговите чувства, дајте му до знаење дека гледате колку е лут или фрустриран поради нешто. Потоа поставете цврсти и јасни граници објаснувајќи му на детето дека ударот боли и дека нема да му дозволите да го стори истото. Исто така, добро е да му предложите на детето како да реагира кога е луто или фрустрирано поради нешто. На пример, можете да му кажете да ви опише со зборови што го мачи следниот пат, наместо да ве удри.
„И последно, но не и најмалку важно, не заборавајте да ги контролирате сопствените емоции. Најголемата грешка би била ако го удрите и детето за да види како се чувствувате, затоа што нема смисла“, објаснува Маркам.