Што им кажале од Влада на „Комитите“: „Или Миленко ќе биде во Вардар или клубот нема да постои“

од Nikola Popovski
176 прегледи

По промената во раководството Вардар денеска се одржа првата прес-конференција која беше организирана од навивачката група „Комити“. Здружението за промоција на спортски активности „35 години Вардарци Скопје“ кое ги застапува „Комитите“ побараа смена на актуелното раководство на фудбалскиот клуб.

Преставникот на навивачите, Милорад Миленковски истакна дека „Комити“ биле доведени до одлука или да го дадат клубот или Вардар да не постои. Претставник на новиот сопственик на клубот, Атила Бижен Жалили и на тие состаноци, на кои имало и посредници од Владата бил и актуелниот извршен директор Миленко Неделковски.

-Првично одбивме, но на 3 јули си подадовме рака, задржувајќи 15% за да можеме да реагираме ако работите тргнат наопаку. Претставник на Владата во разговорите беше Владимир Неловски и во тие разговори јасно ни беше кажано: Или Миленко ќе биде во Вардар или клубот нема да постои. Знаевме дека немаме некои силни преговарачки опции и единствено што можевме е да прифатиме, разјасни Миленковски.

Сепак треба да се нагласи дека во договорот потпишан при предавањето на мнозинскиот (85 %) пакет на акции, Комити управувањето му го доделија на новиот сопственик.

-Моравме да го предадеме клубот на друг сопственик, бидејќи финансиската состојба беше независна, а добивме и уверување дека работите ќе се средат. Можеби немаме извршна моќ да ги менуваме внатре работите, но ние сме гласот на ФК Вардар и за секој проблем во клубот ние сме тука да алармираме, додаде Миленковски.

Миленковски информираше дека Вардар има долг од три милиони евра, од кои 800.000 се кон Управата за јавни приходи, 1,2 милиони евра за плати, 200.000 евра кон ПУИГ, но и други долгови кон доверители.

Вардар во моментов е претпоследен на табелата со само 11 освоени бодови од 14 натпревари и му претстои грчевита борба за опстанок и враќање на старите славни времиња.

Слични содржини