Меѓу откривањето на плочата на белградскиот аеродром „Никола Тесла“ и обраќањето до граѓаните заедно со неговиот домаќин, Александар Вучиќ крај споменикот на Благодарноста кон Франција, францускиот шеф на држава Емануел Макрон кој ќе пристигне во понеделник во дводневна посета на Србија, ќе одржи голем број официјални средби за кои е тешко да се претпостави што донел во „дипломатскиот куфер“, пишува белградскиот весник „Политика“ во свој материјал.

Постојат многу различни анализи и заклучоци од тоа дека Макрон доаѓа за да ги испита можностите за обновување на дијалогот меѓу Белград и Приштина, до размислувањето дека неговата посета е дел од трендот Франција да го засилува своето присуство во регионот, што е дел од макропрограмата за наметнување на Париз како лидер на Европската унија. Во секој случај, сигурно е дека посетата на претседателот на Франција, прва од декември 2001 година, кога тогашниот претседател Жак Ширак пристигна, е голем настан и дека тоа ќе биде важно за Србија од политички, економски и културни аспекти, како и дека ќе го засегне зајакнувањето на билатералните односи меѓу двете земји, како и поврзување на двата народа.
Не треба да се заборави дека Франција, освен Германија, е водечка земја на ЕУ и дека посетата на нејзиниот претседател по толку години покажува нов интерес кон Западен Балкан и, како што вели амбасадорот на оваа земја – Федерик Мондолони, желбата е да се даде нов поттик на Србија.
Иако јавноста не е на јасно за она што е во „куферот“ на Макрон, сигурно е дека Косово ќе биде на маса, по пропаднатиот самит на темата, кој требаше да се одржи во Париз на 1 јули на иницијатива на Франција и Германија. Според аналитичарите, Макрон е многу посветен на продолжувањето на дијалогот меѓу Белград и Приштина, без оглед на фактот дека Франција ја признава независноста на Косово и дека по тоа прашање нема промена во позицијата. Макрон сепак нема, како што обично прават европските лидери, по Белград да ја посети и Приштина, што, меѓу другото, покажува дека нејзините односи со Косово се промениле, особено откако властите во Приштина одбија да ги укинат таксите.
Сепак не е познато дали францускиот претседател ќе донесе предлог на Србија, или ќе каже дека Белград и Приштина треба да постигнат договор, а ЕУ само ќе посредува. Во последните денови медиумите известуваат дека официјален Париз не е против можната размена на територија или промената во линијата на демаркација, ако Белград и Приштина се договорат за тоа и договорот биде прифатен од сите во регионот, иако Берлин се плаши дека во овој случај „Пандорината кутија“ на национализмот може да биде повторно отворена.
Друга важна тема која ќе биде во фокусот на вниманието е европската интеграција, со оглед на тоа што Макрон неколкупати направи песимистички изјави за проширувањето, односно неколку пати кажа дека нема да има такво, додека не се реформира Унијата.
Аналитичарите велат дека Макрон ја ставил политиката на проширување настрана, но ќе ја поддржи реформската политика на Белград и европскиот пат на Србија. Според вестите од Елисејската палата, францускиот претседател оди во Србија со порака дека Белград има место во ЕУ и дека Франција ја поддржува европската интеграција на земјата и дека процесот на проширување и внатрешни реформи во ЕУ мора да оди рака под рака.
Се претпоставува дека Макрон ќе донесе во Белград порака дека Франција сака да го обнови своето присуство во Србија и регионот, како и француско-српското пријателство. Тоа го потврди и амбасадорот на Франција во Белград, Мондолони, кој рече дека посетата на Макрон го покажува новиот интерес на земјата кон Западен Балкан и желбата да се даде нов поттик на билатералните односи со Србија како прв партнер во регионот.
Дел од овој поттик се околу 20-те договори кои ќе бидат потпишани во Белград, кои најмногу влијаат на економијата, но и вооружувањето и воената опрема, културата … Макрон оди во Србија не само со политички советници, но и со делегација од претприемачи, а освен заживувањето на политичкиот дијалог се очекува и заживување на економските врски меѓу двете земји, откако од 2013 година стоковата размена меѓу земјите расте 7% годишно.
Во оваа смисла, според аналитичарите, може да се очекува конкретизација во врска со проектот за метрото, како и со новите инвестиции на Франција во српската инфраструктура, енергетика и други области. Се очекува посетата на францускиот лидер да ги зајакне емоциите кои веќе постојат меѓу двата народа, што ќе се одрази особено при пречекот на Калемегдан и предвиденото обраќање на двајцата државници.
Предвидено е Макрон да пристигне на аеродромот „Никола Тесла“ во Белград околу 15 часот по македонско време, по што тој и Вучиќ треба да ја откријат плочата со која ќе се одбележи почетокот на процесот на модернизација на аеродромот, кој веќе се раководи од француската компанија „Ванси“.
Посетата на Макрон во Белград ќе се пренесуваод голем број локални, регионални и француски медиуми – 700 акредитирани.
Францускиот претседател ќе биде чуван од 4.000 припадници на Специјалните сили во Белград, а безбедносните мерки ќе бидат на највисоко ниво, како и секогаш за време на посетите на високи странски државници.
Макрон требаше да ја посети Србија минатиот декември, но оваа посета беше одложена поради протестот на „жолтите елеци“ во Франција.