ШТО НОСИ ВЛЕГУВАЊЕТО НА АЛИЈАНСА ВО ВЛАДА: „Помирна политичка ситуација, но и меч со две острици“

од Nikola Popovski
366 прегледи

Денес паѓа одлуката во Алијансата за Албанците (АА) кои членови на партијата ќе преговараат за влез во Владата. Се очекува да биде одржан состанокот на Претседателството на партијата, на кој треба да биде формиран тимот кој ќе ги води преговорите. Ова доаѓа откако во средата имало средба меѓу премиерот и претседател на СДСМ Димитар Ковачевски, лидерот на ДУИ Али Ахмети и на Алтернатива Африм Гаши. Според дел од пишувањата на медиумите, Ковачевски и Ахмети му објасниле на Гаши дека потребата за влез на Алијанса за Албанците во Владата е за пофункционално Собрание. Од Алтернатива прашуваат зошто сега да се склучува нов договор за влез на Алијанса и кои се гаранциите дека тој ќе се реализира, кога не е исполнет претходниот договор меѓу Гаши и експремиерот Зоран Заев.

Енвер Салихи

На прашањата што ќе понуди АА со евентуалниот влез во Влада и дали другите владеачки партии ќе отстапат ресори, „Локално“ разговараше со политичкиот аналитичар и поранешен член на Државата изборна комисија, Енвер Салихи. Според него, се поизвесно е Алијанса да биде дел од владиното мнозинство, но како што вели, во последно време сите партии се кочничари од причина што новиот партнер ќе го земе целото внимание што е и нормално со оглед на бројките.

-Не треба никој да се обвини, секако дека се во право (Алтернатива) поради претходно склучен договор кој трае до крај на мандатот и секако дека тука цекот треба најмногу да го плати ДУИ која е моментално надвор од контрола со своите пратеници, објаснува соговорникот.

Од друга страна, вели тој, тешко е да се сфатат ваквите тези од причина што Алијанса ако не влезе во Влада, тоа значи крај на оваа власт и предвремени избори, што не верувам дека е посакувана опција за кочничарите бидејќи голем дел од помалите партии на следни избори ќе ги снема од политичата сцена.

-Играта е многу опасна во моментот и е меч со две острици. Некој ќе добие, ама и многу ќе изгубат, така да што и да се направи ќе биде со последици, порачува Салихи.

Аналитичарот е дециден дека влегувањето на Алијанса само ќе ја стабилизира Владата.

-Доколку сите партии ја сфаќаат сериозноста на ситуацијата секако ќе дозволат влез на Алијанса која ќе ја стабилизира оваа Влада. Во спротивно крајот е многу блиску поради преголеми апетити на мали и големи партии, несвесно сите работат да ја срушат власта, ставајќи пред се ситни партиски калкулации и пазари, оценува Салихи.

Тој смета дека без разлика на власта, партијата на Арбен Таравари би ги гласала уставните измени и како опозиција.

-Тоа би го направиле заедно со Беса познавајќи ја нивната конструктивност кон големите процеси. ВМРО-ДПМНЕ тешко дека ќе прифати измени во Уставот, но сепак долготрајноста на власта ќе даде можност за поединечни изјаснувања на пратениците и дава теоретски шанси. Сепак останува да се види во иднина што ќе се случува, вели Салихи за евентуалните уставни измени и внесување на бугарското малцинство во Преамбулата на Уставот.

И политичкиот аналитичар Џелал Незири се согласува дека АА веќе со една нога се во Влада. Тој во разговор за „Локално“ вели начелно нема програмски пречки, туку проблемот е само кај распределбата на ресорите.

Џелал Незири

-Има многу партнери со големи апетити, партиски и индивидуални интереси. Малите политички партии прават владата да личи на детска градинка, каде секој се бори за простор и внимание. Разбирливо е дека со влезот на АА нивната тежина нема да биде иста, па затоа и прават се тоа да не се случи. Сепак, во целата ова бучава, не се става фокусот на предизвиците со кои ќе се соочиме ова година – од уставните измени па се до геополитичката реалност, вели Незири.

Тој е дециден дека Гаши има право да инсистира за доследно применување на договорот со кој Алтернатива стана дел од владата.

-Политички коректно е да се почитуваат договорите, било тоа да се уснени. Но, во политиката ништо не е гарантирано. Политичките динамики ги определуваат не само договорите, туку и сојузите. Сега владата има потреба за стабилно парламентарно мнозинство, при што и договорот СДСМ-ДУИ се менува, кога станува збор за поделбата на ресори и функции. Пак ќе нагласам – партиите треба да го имаат предвид јавниот интерес зошто за граѓаните најмалку е важно која партија кој ресор ќе води. За нив најважно е квалитетот на кадарот и резултатите кои ќе ги испорача, порачува соговорникот.

Незири е без сомневање дека со влезот на АА во Владата ќе се добие постабилно Собрание и помирна политичка ситуација.

-На земјата не и треба уште една криза, која се надзира токму заради математиките околу парламентарното мнозинство. Тоа што и треба на земјата е функционално Собрание, здрав и отворен дијалог влада-опозиција за утврдување на европската агенда и поконкретно спроведување на реформите, истакнува аналитичарот.

Само со Алијанса, вели тој, нема да се стигне до 80 пратеници потребни за уставните измени, но ќе се тргне дилемата дали ќе се создаде ново за земјата да оди на нови парламентарни избори во година кога најмалку се потребни.

-Исто така, ќе исчезнат разните комбинаторики и политички акробации кои се интерес само на една партија или група на интерес, а се во спротивно со интересот на сите граѓани. За да се стигне до двотретинско мнозинство владата мора да отвори здрав и искрен дијалог со опозицијата. Како што во 90-тите години се постигна широк политички и етнички консензус за стратешките ориентации на земјата, т.е. интеграцијата во НАТО и ЕУ, и денеска тоа е возможно. Има начини и можност да се убеди ВМРО-ДПМНЕ да ги подржи уставните измени, но тоа треба да биде резултат на еден сериозен процес на преговори, консултации и договори. Сепак, се работи за реализација на втората стратешка ориентација, како надпартиска и надетничка цел. ЕУ интеграцијата нема алтернатива, порачува Незири во својата анализа на политичката ситуација во земјата.

Н.П.

Слични содржини