Во март, германскиот институт Роберт Кох препорача да се избегнуваат обдукции за пациенти кои починале од новиот коронавирус. Причината: патолозите и други медицински персонал се изложени на висок ризик од заразување на некропија (отворање трупови).
Германскиот сојуз на патолози, сепак, беше скептичен кон препораката и рече дека треба да се извршат што повеќе обдукции, бидејќи резултатите би биле корисни за развој на нови терапии за третман на „Ковид-19“.
Кои се резултатите од обдукциите во Базел?
Во Швајцарија, неколку болници веќе вршат обдукција врз пациенти со „Ковид-19“, пишува Зидојче Цајтунг.
„Се зависи од опременоста и храброста на патолозите“, рече проф. Александар Цанков, кој раководи со одделот за обдукција во Универзитетската болница во Базел. Досега имало обдукција на 20 пациенти со новиот коронавирус.
„Сите тие имаа висок крвен притисок. Повеќето од нив беа со прекумерна телесна тежина“, вели професорот. Тој додаде дека тоа најмногу се однесувало на мажите.
„Над две третини од коронарните артерии беа оштетени, а една третина имаа дијабетес“, додаде патологот.
Покрај претходните болести, екипата на Цанков ги испитала и белите дробови на жртвите.
„Само мал дел имаше воспаление на белите дробови. Повеќето покажаа сериозно оштетување на микроциркулацијата во белите дробови. Ова значи дека размената на кислород веќе не функционира и тоа ја објаснува тешкотијата на дишењето кај пациенти во одделите за интензивна нега“, рече професорот.
„Кај овие пациенти, кислородот едноставно не се транспортира правилно. Колку и кислородот да им се пушта, тоа не помага“.
Сè уште не е јасно дали овие нови наоди веќе се применуваат во третманот на пациентите со „Ковид-19“.
Во меѓувреме, Роберт Кох ја откажа својата препорака да не се врши обдукција. Меѓутоа, порано во Хамбург, патологот Клаус Пушел спровел обдукција на 65 лица кои починале од новиот коронавирус. Извештајот за резултатите беше испратен до здравствените власти во Хамбург. Увид во него имале и од „Зидојче Цајтунг“.
Во меѓувреме, во Хамбург беа извршени обдукции врз повеќе од 100 пациенти со „Ковид-19“ и сите имаа претходни болести, рече професорот. Никаде на друго место во Германија не им било извршено аутопскија на толку многу пациенти.
Има ли нешто ново во врска со обдукциите во Хамбург?
Некои од резултатите во извештајот во Хамбург се слични на заклучоците од Базел: на пример, повеќето жртви страдале од срцеви заболувања. 55 од 61 обдукции имале атеросклероза, висок крвен притисок, срцев удар или други срцеви заболувања. 46 од обдукциите имале претходна болест на белите дробови. 28 имале проблеми со бубрезите, црниот дроб или трансплантацијата. 16 имале деменција, други имале најмалку еден карцином, биле со прекумерна телесна тежина или имаат дијабетес.
Италија неодамна објави извештај со информации за 1.738 жртви. Но, не од обдукциите, туку од периодот на лекување. Најчесто, пациентите страдале од висок крвен притисок, дијабетес и кардиоваскуларни заболувања.
И дали причината за смртта на овие луѓе навистина е новата болест „Ковид-19“? На ова прашање, патологот од Хамбург, Клаус Пушел, одговара дека од 65 пациенти, вкупно 61 починати се како резултат на коронавирусот. Во другите четири, вирусот не бил причина за смрт.
Проф. Александар Цанков од Базел потенцира дека луѓето со претходни болести веројатно живеат помалку.
„Но, ако овие луѓе не се сретнале со Ковид-19, тие ќе живееле уште еден час, ден, недела или година“.