Што пишувало во писмо на Ајнштајн до девојка која го одбила?

од desk2
72 прегледи

Писмото кое нобеловецот Алберт Ајнштајн рачно и го напишал на една млада девојка, која го заинтересирала при престојот во Италија во 1921 година, денеска ќе биде понудено на аукција во Ерусалим.

Ова писмо, ќе биде објавено на аукција заедно со уште едно писмо, во кое Ајнштајн во 1928 година му пишувал на колегата Херман Минц, односно му ги изложил своите идеи за „трета фаза на теорија на релативитетот“, заедно со фотографија на која Ајнштајн пуши луле, пренесува аукциската куќа „Винер“, која ја организира споменатата аукција.

Во октомври 1921 година, Ајнштајн патувал во Фиренца, во посета на својата сестра, кога дознал дека млада студентка на хемија по име Елизабета Пичини, живее стан над него.

Тогаш, 42-годишниот Ајнштајн бил заинтересиран да ја запознае 22-годишната девојка, инаку ќерка на познат хемичар, но таа била многу срамежлива, па го одбила.

Напуштајќи ја Фиренца, Ајнштајн оставил писмо потпишано на германски јазик, со следнава содржина: „За научникот, пред чии нозе лежев и седев полни два дена, за пријателски спомен“.

Во германскиот јазик, инаку, фразата „да се лежи пред нечии нозе“, всушност е израз за покажување на љубов.

Во октомври минатата година куќата „Винер“ продаде уште едно писмо на Ајнштајн, со негови размислувања околу тоа што е среќа за 1,3 милиони долари.

„Предмети од Ајнштајн продаваме веќе долго време, и тоа со голем успех. Луѓето ширум светот се заинтересирани за Ајнштајн, не само за неговата математичка и физичка страна, туку и за неговиот приватен живот“, вели Гал Винер, директор на аукциската куќа.