Што значи говорот на пратеникот Шаќири: „Насетувајќи дека се во тешка позиција и ВЛЕН го користи популизмот и пропагира идеи кои не се усогласени со партнерот“

од Nikola Popovski
567 прегледи

„Шотата влезе“ и во македонското Собрание. Вчерашниот став на пратеникот Ријад Шаќири од ВЛЕН на собраниската говорница, се уште ја бранува јавноста по искажаниот наратив. Колку за потсетување, на вчерашната седница на Собранието се гласаше за интерпелацијата на претседателот на Собранието Африм Гаши, која не беше изгласана бидејќи беше поддржана само од пратениците на Левица и СДСМ.

-Ќе се молиме секаде кадешто сакаме и треба, а шота ќе се игра во Тирана, Скопје и Приштина, истакна Шаќири во реплика на пратеникот Борислав Крмов.

Во обид да дознаеме дали со ваквиот говор се разгоруваат меѓуетничките односи, „Локално“ поразговара со дел од аналитичарите во земјава. Според дел од нив, немањето на прогрес во една држава секогаш креира ситуации на патриотизам и јаки говори за едно пусто поентирање од страна на партиите. За политичкиот аналитичар и извршен директор на невладината „Пулсот на демократијата“, Енвер Салихи, тоа што е кажано за орото никако не треба да се сфати како закана бидејќи, како што вели и „Тешкото и „Шота“ ќе се играат се додека има Македонци и Албанци.

Енвер Салихи

-Загрижувачки е дека во секој кажан збор на еден поединец, одредени центри на моќ преку нивните незапишани портали ги дистрибуираат до обичниот народ кој само насловот ги чита и носи одлуки за тоа какви биле тие или овие. Секогаш на работите треба да се гледа од позитивната страна, а не со негативизми и дезинформации, истакнува Салихи.

Според него, ВМРО ДПМНЕ нема таква сила да им наложи на своите партнери што да говорат и како да се однесуваат бидејќи сите се самостојни партии и секогаш ќе има интересни случувања на вакви теми, Она што го загрижува Салихи е дека народот сака вакви теми, наместо да се води дебата за премалото покачување на пензиите, платите на администрацијата, платите на просветните работници, темелните реформи во правосудниот систем, евроинтеграцискиот процес и ред други важни работи за граѓаните…

-Премиерот во својот говор рече дека нема да има етнички теми, додека ние го гледаме спротивното во реалноста бидејќи доаѓаме до првите 100 дена Влада и секако тоа што е ветено тешко да се реализира судејќи според почетокот, констатира соговорникот.

Оценува дека погрешни се очекувањата дека ВЛЕН би била поразлична од ДУИ во својот вокабулар кога самите сме сведоци дека пред да станат дел од владеачкото мнозинство имаа многу работи во својата програма, но сепак после влегување во Влада ги заборавија ветените работи.

-Насетувајќи дека се во тешка позиција и ВЛЕН го користи популизмот и пропагира идеи кои не се усогласени со партнерот. Сепак, коалицијата треба да се спои во една политичка партија од причина што ваквото анахроно дејствување ќе им носи голема штета во наредните локални избори, дециден е Салихи.

За тврдењата на Левица дека Македонија се косовизира, аналитичарот вели дека се многу ризични и водат кон зголемување на меѓусебната омраза бидејќи тезата косоваризација е еднаква на тезата албанизација и претставува погрешно толкување или пак намерно избегнување од називи кои што се мислат, а не смеат јавно да ги кажуваат.

-Сметам дека во понатамошниот тек, оваа влада трева да се погрижи за стандардот на граѓаните и прогресот кон европската иднина, затоа што темите кои се од заеднички интетес не зближуваат меѓусебе, истакнува Салихи.

Бесим Небиу

Со сличен став е и политичкиот аналитичар, Бесим Небиу. Во краток разговор за „Локално“ истакнува дека Македонија е држава со длабоко паралелни и поделени општества кои и немаат толку колку многу допирни точки меѓу себе. Потенцира дека политичките партии се насочени кон етнички гласови – такви се и албанските и македонските.

-Ниту ВЛЕН бара македонски гласови, ниту ВМРО-ДПМНЕ некогаш барала да ја гласаат Албанците. Тоа значи дека партиите претендираат на етничко претставување. односно македонските партии не сакаат да ги претставуваат Албанците како што албанските партии не претендираат да ги претставуваат Македонците. Единствен исклучок од оваа слика беше СДСМ во последнава декада, во која се насочи кон „едно општество“ и создаде мултиетничка коалиција на гласачи. Но видовме дека тој проект не успеа и сегашното политичко делување на СДСМ упатува кон ретерирање кон поранешните позиции, односно таргетирање и претставување на етничките Македонци, оценува Небиу.

Во ваков еден поширок социо-културен контекст, додава соговорникот, недоразбирањата околу религија, традиција, етнички релации – секако дека може политички да се користат од сите партии, барем во јавните комуникации.

-Во овој контекст ги коментирам изјавите на сите партии овој период, и тие на власта и на опозицијата. Сите тие проценуват дека во овој период ваквите изјави можат да им донесат партиска полза кај нивните поделени гласачки тела, заклучува Небиу.

Обвинувањата за изведувањето на „Шота“ произлегоа откако на 2-ри август, покрај македонскиот, и со албански фолклор пред зградата на Собранието, се одбележа најголемиот македонски празник, Илинден.

Н.П.

Слични содржини