ВОЗАЧОТ на тимот Хас во Формула 1, Мик Шумахер, ќе биде член на тој тим следната година, но ќе биде и резервен возач на Ферари.
На тој начин ќе тргне по стапките на својот татко Михаел Шумахер, кој ги направи најголемите успеси во одбраната на боите на овој тим.
Младиот 22-годишен Мик е пријавен како резервен возач на Ферари на 11 од 23 трки следната сезона, а Антонио Џовинаци ќе ја има таа улога на другите трки.
Шумахер, во случај Шарл Леклер или Карлос Саинц да бидат спречени поради некоја причина, ќе стане возач на славниот италијански тим.
– Тој дипломираше на академијата на Ферари, а ова ќе му биде втора сезона. Многу сум среќен што ќе биде дел од нашиот тим, но се надевам дека нема да има потреба да се менуваат Шарл или Карлос – изјави првиот човек на Ферари, Матијас Биното.
За потсетување, Михаел Шумахер освои пет од седумте Формула 1 титули како возач на овој славен тим.