Шумскиот пожар над Галичник е локализиран, Армијата пратила 20 војници за гаснење

од Nikola Popovski
442 прегледи

Центарот за управување со кризи (ЦУК), доцна синоќа биле информирани дека Армијата пратила 20 војници за гаснење на шумскиот пожар над селото Галичник, по повлекувањето на хеликоптерот заради силниот ветер.

Конкретно, вчера Армијата прати хеликоптер за гаснење на пожарот над с. Галичник, но заради лошите и небезбедни прилики за дејство – силен ветер, го приземји, а на крајот од денот и го врати во армиската база. Но, веднаш потоа го информирање ЦУК дека 20 војници ќе бидат веднаш пратени за да го гаснат пожарот и да го заштитат селото со другите присутни сили. Војниците, вечерва, се веќе во с. Галичник и според информациите се сместуваат во хотелот „Неда“, соопштија од ЦУК.

„Драги галичани, пожарот е под контрола. Според последните информации, нема опасност за имотите и куќите. Денеска интервенираа НП Маврово, Центар за управување со кризи, Противпожарните бригади од Дебар и Гостивар, амбулантно возило Гостивар, хеликоптер на Армијата на Република Северна Македонија, локално население и екипи и возила на Коњички клуб Шерпа. Вечерва во Галичник имаме гости – специјална единица на Армијата, кои се присутни за поддршка доколку состојбите станат критични и се појави потреба од интервенција. Посебна благодарност до нив!“, се наведува во Фејсбук објавата на Месната заедница Галичник.

Инаку, од ЦУК велат дека информацијата за пожарот над с. Галичник, во ЦУК е добиена вчера околу 13.30 часот. Шумскиот пожар, заради засилениот ветар, претставувал потенцијална опасност за селото, но истовремено е бил опасност и за силите ангажирани за гаснење. Пожарот е на непристапен терен и зафатил борова шума. Во координација со ЦУК се регионалните центри за управување со кризи РЦУК Охрид, РЦУК Дебар, РЦУК Гостивар и РЦУК Тетово, коишто на локално ниво координирано ги известуваат опшините, одговорните институции и претпријатија за гаснење пожари. Општина Маврово-Ростуше испратила, според правилата, на време официјално барање за хеликоптерска помош за гаснење пожар на непристапен терен.

 

Слични содржини