Шутиноски: Количините кои се тргуваат на МЕМО се зголемуваат од ден на ден, потполно ликвидно тргување откако ќе се поврземе со соседните пазари

од Vladimir Zorba
1,8K прегледи

Во исчекување на новата цена на  електричната енергија, првиот човек на МЕМО Симон Шутиноски за „Локално“, коментира како таа ќе се одрази на тргувањето, но и како берзата ќе влијае врз цената на електрична енергија. Не очекува дека цената којашто ќе биде определена од страна на Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги ќе има влијание врз тргувањето на пазарот ден-однапред, со оглед дека, како што вели,  методологијата се заснова на трошоците на енергетските компании.

„Она во што верувам дека ќе има позитивно влијание врз оваа цена е можноста на истите тие компании да го оптимизираат своето портфолио преку пазарот ден-однапред, користејќи го притоа за правење на заштеди при набавката на електричната енергија од една страна, но и за продавање на вишоците во тие часови каде што има намалување на потрошувачката од друга страна“, посочува Шутиноски.

Во моментов на берзата, односно на пазарот ден-однапред, се регистрирани 24 компании  кои според Шутиноски претставуваат комбинација на домашни производители и снабдувачи но и поголеми регионални трговци кои секојдневно тргуваат на пазарот ден-однапред.

Во првиот месец откако стартуваше со работа македонската берза за електрична енергија на слободниот пазар, истргувана е струја за околу 1,1 милион евра,а според првиот човек на националниот оператор на пазарот за електрична енергија во Македонија -МЕМО, потврда за успешното работење на берзата за електрична енергија во МАкедонија е и фактот дека  количините кои се тргуваат се зголемуваат од ден на ден.

Помина еден месец од стартот на македонската берза на електрична енергија. Што покажуваат бројките, колку струја се истргувала и која е просечната месечна цена? Дали е таа повисока од цената на HUPEX?

-Со оглед дека секој почеток на една берза на електрична енергија, покрај можност за тргување, подразбира и одредена претпазливост кај учесниците, можам сосема да бидам задоволен од бројките кои го одбележаа  тргувањето во месец Мај, односно од 10-ти Мај, кога беше започнато тргувањето на македонскиот организиран пазар во сегментот ден-однапред.

Во месец мај, на пазарот ден-однапред беа истргувани вкупно 13.442,4 MWh. Притоа, просечната цена по која се тргуваше електрична енергија во месец мај изнесува 5.001,12 МКД односно 81,32€. Согласно податоците на HUPX просечната цена постигната на унгарската берза изнесува 88,19€.

Споредбата на цената со други берзи сама по себе нема никакво значење. За мене поголемо значење е тоа што часовните криви на цените на берзата на МЕМО ги следат трендовите во регионот и Европа, што е показател дека станува збор за реално и транспарентно креирање на цените за секој час од денот, засновани исклучиво на понудата и побарувачката, и истите претставуваат реални ценовни сигнали за македонскиот пазар на електрична енергија.

Каков е интересот на компаниите учеснички на берзата? Дали се зголемува нивното портфолио, односно дали расте бројот на домашни и странски компании трговци и снабдувачи за приклучување на берзата ден однапред ?

-Во моментов на берзата, односно на пазарот ден-однапред, се регистрирани 24 компании за кои можам да кажам дека претставуваат комбинација на домашни производители и снабдувачи но и поголеми регионални трговци кои секојдневно тргуваат на пазарот ден-однапред.

Количините кои се тргуваат на МЕМО се зголемуваат од ден на ден, што е нормално за една млада берза на електрична енергија, со тоа што искуствата укажуваат дека количината која се тргува на пазарот ден однапред ќе расте во периодот кој следи. Секако за бројки кои ќе одразуваат потполно ликвидно тргување, ќе може да зборуваме после успешно поврзување со соседните пазари преку механизмот на маркет каплинг (market coupling) .

Ветивте транспарентно и недискриминарчко тргување. Каква е вашата првична оценка за функционирањето на македонската берза ?  Дали сметате дека ваквиот начин на тргување ги подобри условите за компаниите да се снабдат/ продадат  електрична енергија?

-Начинот на работа на пазарот ден-однапред е принципиелно уреден според европскиот целен модел и ние практично функционираме на идентичен начин како и секоја берза во Европа. Транспарентноста е една од главните одлики на овој начин на тргување, при што цените се добиваат директно од понудата и побарувачката. Еден од стандардните пристапи при оваа транспарентност е објавувањето на кривите на побарувачка и понуда, нешто што МЕМО го прави од првиот ден на работење на пазарот ден однапред, заедно со вкупните количини и цени кои се истргувани на пазарот. https://dam.memo.mk/?page_id=252796&lang=mk

Недвосмислено е дека организираниот пазар, особено пазарот ден однапред претставува основа за транспарентно и недискриминирачко тргување со електрична енергија во Европа, а тимот на МЕМО со својот посветен и професионален пристап покажа дека истото успешно може да се примени и во Северна Македонија.

Кои се дилемите и нејаснотиите што во од се појавија откако профункционира берзата? Што ново воведувате во насока на приближување на заинтересираните за концептот ден однапред и функционирањето на платформата?

-Генерално концептот на тргување ден-однапред беше добро познат на нашите учесници и пред да започнеме да работиме на 10-ти Мај. Евентуалните нејаснотии сметам дека успешно ги отстранивме со низата средби и работилници кои ги одржавме во периодот кој претходеше на почетокот на тргување на пазарот ден-однапред. Со нашата секојдневна достапност до учесниците на организираниот пазар се отстрануваат сите нејаснотии.

Она што можеби беше нејасно низ годините што ни претходеа е дали кај нас може успешно да работи берза на електрична енергија, со оглед на големината на пазарот во нашата држава, можам да кажам дека тимот на МЕМО (во минатото како дел од МЕПСО) веќе десетина години води активна промоција на овој концепт на тргување во нашата држава. Сето ова стана реалност со целосната либерализација на пазарот на електрична енергија, со измената на Законот за енергетика во 2018 година, но сметам дека нашата активност беше клучна – едноставно кажано, покажавме дека можеме да бидеме на високо ниво професионални и дека знаеме како сето тоа да го оствариме.

Од први јули електричната енергија ќе добие нова цена. Какви се вашите очекувања во делот на тоа како цената  ќе се одрази на тргувањето и како берзата ќе влијае на цената на електричната енергија?

-Во основа, кога зборуваме за цена на електричната енергија во нашата држава, обично мислиме на цената за домаќинствата. Не очекувам дека цената која ќе биде определена од страна на Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги ќе има влијание врз тргувањето на пазарот ден-однапред, со оглед дека методологијата се заснова врз основа на трошоците на енергетските компании. Она во што верувам дека ќе има позитивно влијание врз оваа цена е можноста на истите тие компании да го оптимизираат своето портфолио преку пазарот ден-однапред, користејќи го притоа за правење на заштеди при набавката на електричната енергија од една страна, но и за продавање на вишоците во тие часови каде што има намалување на потрошувачката од друга страна.

К.В.С.

Слични содржини