Додека италијанските медиуми практично одбројуваат часови до потпишувањето на договорот за продолжување на соработката меѓу Милан и Златан Ибрахимовиќ, шведските медиуми пишуваат за тоа како Ибра ловел лав во Јужна Африка во 2011 година, го убил и ја увезол неговата кожа, главата и вилицата, кои ги држи како трофеи во своите домови. Шведскиот весник „Експрес“ наведува дека напаѓачот има дозвола за лов што ја добил една година пред тој настан.
Самиот Златан честопати се нарекува лав и има голема тетоважа со лав на грбот, пишуваат денес италијанските медиуми, додавајќи дека тој е изложен на силни критики во Шведска затоа што го убил „кралот на џунглата“ кој припаѓа на загрозен вид.
Според шведските медиуми, 82 ловџии од таа земја се обиделе да пренесат вакви трофеи од Африка, а Ибра успеал во тоа. Медиумите безуспешно се обидоа да добијат одговор од фудбалерот.
Меѓународниот фонд за здравјето на животните потврди дека помеѓу 2004 и 2014 година биле убиени 1,7 милиони животни за „трофеи“.
„Газета“, пак, објави дека Ибра ќе го прослави 40-от роденден во „црвено-црниот“ дрес, исто како и Малдини и Костакурта.
Според најпознатиот спортски дневник во Италија, Милан и Ибрахимовиќ постигнале договор, а потпишувањето на договорот вреден седум милиони евра се очекува до крајот на оваа недела.