Шведска одлучи да аплицира за членство во НАТО

од Nikola Popovski

Шведската премиерка Магдалена Андерсон денеска најави дека Шведска ќе и се придружи на Финска во барањето за членство во НАТО, во времето на руската инвазија на Украина.

Таа историска промена, по повеќе од 200 години шведска воена неутралност, најверојатно ќе предизвика бурни реакции од владата на рускиот претседател Владимир Путин.

Со одлуката да се однесува како соседната Финска и да поднесе барање за членство во НАТО, Шведска се откажува од политиката на воена неутралност поради руската инвазија на Украина, изјавија денеска шведските власти.

Премиерката Магдалена Андерсон ја нарече одлуката „историска промена во безбедносната политика“ во Шведска, за време на обраќањето пред пратениците во Стокхолм.

Андерсон рече дека на земјата и се потребни „формални безбедносни гаранции што ги носи членството во НАТО“ и додаде дека Шведска ќе го стори истото како и Финска, која вчера објави дека ќе поднесе барање за приклучување кон западната алијанса.

Таа рече дека Шведска ќе ја има најдобрата одбрана како членка на НАТО и дека нема причина да се „верува дека трендот (на руските акции) ќе се промени во догледна иднина“.

Шведските владејачки социјалдемократи го сменија својот став за неутралноста на земјата, формирајќи јасно парламентарно мнозинство за членството во НАТО.

Јавното мислење на Шведска и Финска претходно беше цврсто против влезот во НАТО, но поддршката за тоа нагло се зголеми по почетокот на руската инвазија на Украина.

Слични содржини