ШВЕДСКА се надева дека ќе се врати на работниот дијалог со турската страна за членството во НАТО, изјави шведскиот премиер Улф Кристерсон по влошувањето на односите меѓу Стокхолм и Анкара.
– Сакам повторно да се вратам на работниот дијалог… Сакам да повикам на смиреност во овој процес. Шведска, Финска и Турција склучија трилатерален договор. Се оди добро. Но, јасно е дека не ни се допаѓа сè исто – изјави Кристерсон на прес-конференцијата.
Премиерот додаде дека не мисли дека претседателот на Турција ја „затворил вратата“ за прашањето за членството на земјата во НАТО.
Односите меѓу Шведска и Турција се влошија откако лидерот на данската екстремно десничарска партија „Тврда линија“, Расмус Палудан, запали Куран. Потоа турскиот претседател Таип Ердоган изјави дека Шведска не треба да смета на турската поддршка за членство во НАТО.
Кристерсон претходно го осуди палењето на Куранот, нарекувајќи го неприфатлив чин на непочитување, но истакна дека ниту еден закон не бил прекршен.
Со оглед на настаните во Украина, на 18 мај минатата година Финска и Шведска до генералниот секретар на НАТО поднесоа барање за пристапување во Алијансата.
Анкара првично го блокираше почетокот на разгледувањето на овие апликации, но на 29 јуни Турција, Шведска и Финска потпишаа трилатерален безбедносен меморандум кој ги зема предвид сите грижи на Анкара.