Снимка од телефонски разговор во 2019 година покажува дека Руди Џулијани, тогашниот адвокат на поранешниот американски претседател Доналд Трамп, извршил притисок врз украинските власти да ги испитаат неоснованите обвинувања за ривалот на Трамп на претседателските избори во 2020 година, Џо Бајден, објави Си-Ен-Ен денеска.
Си-Ен-Ен соопшти дека дошла до снимка од разговорот меѓу Џулијани, американскиот дипломат Курт Волкер и Андриј Јермак, советник на украинскиот претседател Владимир Зеленски, кој претходел на разговорот меѓу Трамп и украинскиот претседател Зеленски.
Џулијани во разговорот вели дека би сакал Зеленски да каже дека ќе назначи обвинител и „да ги испита и ископа доказите, оние кои постојат, и да види дали има нови докази за вмешаност во изборите во 2016 година, „а потоа и онаа работа со Бајден треба да се истера до крај“, наведува Си-Ен-Ен.
Републиканецот Трамп ги нарече обвинувањата дека го притискал Зеленски да го клевети Бајден во телефонски разговор, политички лов на вештерки.
Претставничкиот дом, во кој демократите имаат мнозинство, гласаа за отповикување на Трамп во декември 2019 година, но тој беше ослободен на почетокот на 2020 година од Сенатот, во кој тогаш доминираа републиканците.
Трамп ги загуби претседателските избори од демократот Бајден во 2020 година и ја напушти Белата куќа.