Безбедноста на Европската унија е во голема мерка во рацете на Турција и Унијата треба да биде благодарна за нејзиниот став кон мигрантската криза, рече во вторникот унгарскиот министер за надворешни работи, Петер Сијарто.
На заедничката прес-конференција со турскиот министер за надворешни работи Мевлут Чавушоглу во Анкара, тој рече дека ЕУ треба да и плати шест милијарди евра на Турција, бидејќи се обврза на тоа во договорот за мигрантите во 2016 година, пренесува Танјуг, повикувајќи се на унгарската агенција МТИ.
„Без помошта на Турција, Западен Балкан брзо ќе биде прегазен од стотици илјади илегални мигранти, затоа ЕУ треба да и се заблагодари на Турција, која има четири милиони мигранти“, рече Сијарто.
Тој рече дека пандемијата на коронавирус го зголеми ризикот од миграција, што претставува и ризици по здравјето и безбедноста.
Сијарто повика на „култура на меѓусебно почитување“ и соработка во меѓународните работи, наместо „држење лекции“ од Брисел.