Сијарто: Унгарија ќе се обиде да започне конкректни преговори со силно проинтеграциската ориентирана влада на Македонија

од Nikola Popovski
442 прегледи

За време на претседавањето со Европската унија, кое започнува на 1 јули, Унгарија ќе отвори нови поглавја во пристапните преговори со Србија и ќе води меѓувладини преговори со сите пет кандидати за членството на Западен Балкан, изјавил од Париз, шефот на унгарската дипломатија, Петер Сијарто.

Тој, говорејќи на конференцијата на Организацијата за економска соработка и развој (ОЕЦД), рекол дека Унгарија, со цел да го забрза проширувањето на ЕУ кон Западен Балкан, планира да затвори најмалку седум поглавја во преговорите со Црна Гора, јавува загрепска „Хина“, пренесувајќи го извештајот на унгарската агенција „МТИ“.

Исто така, унгарската влада планира да ги отвори првите поглавја со Албанија и да ја усвои Преговарачката рамка со БиХ, што е прв чекор кон отворање на преговорите.

-Унгарија ќе се обиде да започне „конкретни преговори со новата, силно проинтеграциска ориентирана влада на Северна Македонија“, додал Сијарто.

-Интеграцијата на тие земји во ЕУ е „економски, но и политички и безбедносен интерес на Унгарија“, додал шефот на унгарската дипломатија.

Дента по изборите на 8-мај, германски Франкфуртер алгемајне цајтунг во текст објави дека смената на власта во Скопје, ќе значи и дека унгарскиот премиер Виктор Орбан ќе си добие нов сојузник во Европа.

-Мицкоски изрично го опишува Орбан како ’пријател’, кому му верува и го почитува. И поранешниот премиер Никола Груевски од ВМРО-ДПМНЕ, ги негуваше врските со Орбан. Груевски владееше со земјата повеќе од 10 години, кои во последната фаза беа изразено корумпирани и авторитарни. Денес Груевски живее во Унгарија, каде Орбан му обезбеди политички азил, напиша ФАЦ.

Според дел од унгарските медиуми, новата македонска влада е предвидено да добие заем од Унгарија од една милијарда евра по исклучително поволни услови. Тамошните медиуми забележаа дека ова е најголемиот заем што владата во Будимпешта го одобрила некому откако Виктор Орбан ја презеде власта.

Се најавува дека каматната стапка нема да биде повисока од 3%.

Слични содржини