Силен земјотрес и во владината коалиција – Сали и Филков ги судрија копјата

Отворената кавга помеѓу Беким Сали и Игор Филков отвори прашања за институционалната координација и начинот на носење одлуки во Владата. Дали станува збор за различни правни интерпретации или за подлабоки политички разлики што допрва ќе се рефлектираат врз коалициската стабилност?

од Vladimir Zorba
49 прегледи Фото: Фејсбук/Официјални профили/Креатива Локално

Судирот меѓу вицепремиерот Беким Сали и министерот за правда Игор Филков околу барањето правосудниот испит да се полага и на албански јазик излезе далеку од рамките на едно техничко или правно прашање.

Наместо институционална расправа зад затворени врати, јавноста доби отворена размена на тешки квалификации, различни толкувања на уставните и законските норми и јасно позиционирање на двајца високи функционери од иста влада на спротивни страни.

Сали во телевизиска емисија ја постави темата како прашање на уставно загарантирано право што, според него, не бара дополнително вградување во закони и правилници. По таа логика, одбивањето на барањето на студентите не се објаснува со недостиг на правна основа, туку со недостиг на институционална волја.

Таквата формулација ја пренесе тежината од правниот терен на политичкиот и создаде впечаток дека постои отпор во системот кон примена на уставни одредби, што во јавен дискурс секогаш носи сериозни последици.

Реакцијата на министерот за правда беше брза и остра, со јасна линија на одбрана на законската рамка и на институционалната хиерархија.

Филков инсистираше дека државата функционира според конкретни закони, а не според општи толкувања, и дека правосудниот систем не може да се менува без експлицитна законска основа.

Тоналитетот на неговиот одговор, особено личните забелешки упатени кон вицепремиерот, го подигна конфликтот на повисоко ниво и го претвори од разлика во ставови во отворен политички судир.

Она што го прави овој случај чувствителен не е само содржината на спорот, туку фактот дека тој се води јавно, меѓу двајца функционери кои припаѓаат на ист извршен тим.

Наместо координација и усогласување, јавноста гледа паралелни линии на аргументација што се судираат пред камери. Во вакви ситуации, секоја изјава добива дополнителна тежина, бидејќи не се чита само како личен став, туку како сигнал за односите внатре во владината структура.

Прашањето што логично се наметнува е дали ваквиот судир може да има последици врз стабилноста на коалицијата меѓу ВМРО-ДПМНЕ, ЗНАМ и Вреди.

Засега, конфликтот не изгледа како директна закана за опстанокот на Владата, но тој јасно покажува колку брзо чувствителни теми можат да ги извадат на површина различните политички приоритети и интерпретации.

За коалициските партнери, ова е тест дали несогласувањата ќе се канализираат институционално или ќе продолжат да се решаваат преку јавни настапи и медиумски пораки.

Според политичкиот аналитичар Благојче Атанасоски, расправијата помеѓу Сали и Филков повеќе наликува на театар за деца и младинци.

– Овие препукувања меѓу страничните владини коалициски партнери на етно-национална, да не речам националистичка база, имаат повеќе за цел да се легитимираат пред своето гласачко тело. Ниту Вреди, а најмалку ЗНАМ би ја напуштиле власта поради вакви причини. Власта е слатка и носи пари, моќ, привилегии и уживање. Од друга страна, мислам дека ниту ВМРО-ДПМНЕ ќе избира помеѓу нив, бидејќи му требаат за двотретинско и бадентерово мнозинство. Повеќе може да се определи во улога на медијатор на демек „раскараните” коалициски партнери – објаснува Атанасоски за Локално.

На прашањето дали оваа расправија има некаква поврзаност со најавената владина реконструкција, тој вели дека времето ќе покаже.

– Имаше и има многу шпекулации за смена на министерот за правда Игор Филков, но не верувам дека оваа „кавга“ е во таа насока. Повеќе сметам дека е преправање и глумење на „поголеми патриоти“ и од ВМРО-ДПМНЕ во однос на етничко-албанскиот коалициски партнер Вреди – посочува Атанасоски.

Ако ваквите судири останат изолирани, тие можат да се апсорбираат без поголеми последици.

Но ако станат модел на комуникација, ризикот не е ненадеен распад, туку постепена ерозија на довербата и впечаток на внатрешна нестабилност – нешто што секоја влада тешко го контролира кога еднаш ќе се пресели на отворена сцена.

Б.Т.