Силен земјотрес со јачина од 7,1 степени според Рихтеровата скала го погоди денеска филипинскиот остров Лузон, соопшти Американскиот геолошки институт, предизвикувајќи голема штета на болница и неколку згради на северот на земјата, а најмалку едно лице е повредено, пренесоа агенциите.
Засега нема информации за можни жртви на земјотресот, чиј епицентар бил на околу 11 километри југоисточно од градот Долорес и на длабочина од 10 километри, објави „Ројтерс“.
Според извештаите на локалните власти, болница во провинцијата Абра била евакуирана откако дел од зградата се урнала, но нема повредени.
Најмалку две жртви од земјотресот
Најмалку две лица загинаа, а неколку десетици се повредени во силниот земјотрес со јачина од 7,1 степени според Рихтеровата скала што денеска ги погоди Филипините и доведе до помали одрони и уривање на неколку згради.
Епицентарот на земјотресот бил во тешко погодената планинска провинција Абра, а две лица загинале, кои биле затрупани под урнатините, изјави Ренато Солидум, раководител на филипинскиот институт за вулканологија и сеизмологија, додавајќи дека земјотресот бил предизвикан од движење на земјата во локален расед на длабочина од 25 километри, пренесува АП.