Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова и годинава беше дел од „Галичка свадба”, проследувајќи ги свадбарските обичаи коишто ја отсликуваат македонската вековна народна традиција и култура, како неразделен дел од македонскиот национален идентитет.
Честитајќи им го бракот на годинешните младенци, Лилјана Михајлоска и Јован Филипоски, претседателката им посака среќен заеднички живот, полн со љубов, разбирање и деца и им подари „галичка пафта” со мотив од мијачката носија, карактеристична за селото Галичник.
Сиљановска-Давкова изрази задоволство од континуитетот на „Галичка свадба”, истакнувајќи дека преку неа, не само што се негуваат македонските обичаи, туку истите се промовираат пред светот.
,,Нешто што е дел од нашиот идентитет, нешто што е единствено, нешто што никаде го нема, нешто што нѐ прави посебни треба да се негува. Радосна сум што мнозина млади го прифаќаат и ја продолжуваат оваа традиција”, изјави претседателката Сиљановска-Давкова.
„Галичка свадба” не случајно се одржува околу Петровден, кога во минатото печалбарите се враќале дома заради женидба и во еден ден се правеле повеќе венчавки.
Вчерашното поставување на свадбарскиот бајрак и симболичниот чин на „фрлање” пушка од куќата на зетот и годинава го означија почетокот на свадбата. По венчавањето на младенците во храмот „Св. апостоли Петар и Павле”, продолжи одржувањето на свадбените обичаи.
Вгнезден во исклучителна природна убавина, со уникатна архитектура и древна историја, Галичник може да биде вистински магнет за сите кои сакаат на момент да избегаат од урбаниот хаос, во потрага по магијата на мирот, спокојот и неповторливата убавина на минатото. Претседателката истакна дека мора да вложиме повеќе, да направиме нешта што нема да се сведат само на доаѓање кога се склучува бракот, туку нешто што ќе го направи Галичник живо во текот на целата година.
Оваа уникатна културна манифестација со децении се одржува под покровителство на претседателот на државата.