Претседателката на Северна Македонија, Гордана Сиљановска-Давкова, престојува во официјална посета на Азербејџан, каде ќе оствари средби со највисоките државни претставници и ќе учествува на 12. Глобален форум во Баку.
Таа ќе биде пречекана со највисоки државни и воени почести од претседателот Илхам Алијев, а планирани се тет-а-тет средба и пленарен состанок меѓу двете делегации. Во македонската делегација се министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски и министерката за енергетика Сања Божиновска.
Во рамки на посетата, Сиљановска-Давкова ќе се сретне и со претседателката на Националното собрание, Сахиба Гафарова, и премиерот Али Асадов, а ќе одржи предавање на Универзитетот АДА во Баку.
Таа ќе учествува и на 12. Глобален форум во Баку, кој ќе се одржи под мотото „Преиспитување на светскиот поредок: Претворање на предизвиците во можности“. На настанот ќе присуствуваат околу 400 учесници, меѓу кои актуелни и поранешни шефови на држави, владини претставници и меѓународни експерти.
Претседателката ќе се обрати на свеченото отворање на форумот, како и на сесијата „Пактот за иднината на Обединетите нации: градење на нов глобален консензус“.