Родовата еднаквост не е феминистичка привилегија, туку е хуманистички императив. Не бараме услуги, ниту матријархат, туку праведен поредок во кој талентите и креативноста на половина од човештвото се целосно признати заради напредокот на политиката, науката, здравството, образованието и мирот, изјави денеска претседателката Гордана Сиљановска – Давкова обраќајќи се на состанокот на високо ниво по повод 30-годишнината од Четвртата светска конференција на жените, што се одржува денеска во Њујорк во рамки на 80.сесија на Генералното собрание на Обединетите нации.
Сиљановска – Давкова порача дека Пекиншката декларација и Платформата за акција остануваат камен-темелник на меѓународното право, жив доказ дека еднаквоста за жените е и правда и предуслов за мир, просперитет и одржлив развој.
-Три децении подоцна, мора да признаеме: напредокот е нееднаков, кревок и премногу често реверзибилен. Насилството врз жените и натаму останува неказнето, фемицидот ја осквернува светоста на животот, а структурните бариери сè уште го негираат лидерството, ресурсите и моќта за донесување одлуки на жените. Тоа не се апстракции, тие нанесуваат рани на семејствата, општествата и генерациите, истакна претседателката Сиљановска – Давкова.